Волк чуван како домашно милениче луташе ноќеска по улиците на Козле

Ноќеска по улиците на скопската населба Козле бил забележан волк, кој бил дезориентиран и лутал по улиците со оглавник и ланец, кои укажуваат дека бил чуван во заробеништво како домашно милениче.

На видеата кои кружат по социјалните мрежи, граѓаните со довикување и храна се обидуваат да го задржат волкот додека да дојде полиција.

Подоцна, по пристигнувањето на увидна екипа од МВР, биле повикани стручните служби на ЗОО Скопје:

„Вечерва во населбата Козле беше забележан волк кој бил чуван како домашен миленик и на себе имаше синџир и каивче. По пријава од загрижени граѓани, на местото интервенираше МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од градот Скопје, а волкот беше успешно и безбедно заловен.

Во моментов волкот е безбедно транспортиран до градината, а ЗОО Скопје ќе го згрижи и ќе му обезбеди соодветна грижа и услови во иднина. Престојниот период ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица.

За среќа, оваа ситуација заврши без последици, бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираме и потсетуваме дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно. Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување.

Апелираме до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, истото да го пријават до надлежните институции.

Благодарност до МВР, Град Скопје, вработените во Зоолошка градина Сашо Панчев и Тина Мицковска и до сите вклучени служби за брзата и координирана интервенција.“ – велат во соопштението од ЗОО Скопје.

Тина Мицковска, која долги години работи во скопската зоолошка апелира до граѓаните доколку знаат луѓе кои чуваат во заробеништво диви животни, веднаш да ги известат службите. Чувањето диви животни во домашни услови освен што не е етички и законски, не е ниту безбедно, бидејќи животните имаат свои инстинкти:

Тина Мицковска, вработена во ЗОО Скопје

„Другарчето од цело Скопје вечерва баш пред моја зграда дојде како да барал спас. Избегал од некаде каде што несовесно се изживувале и чувале волк на ланец. Со каивче и синџир на себе, исплашен, дури и грицки јадеше кои му ги дадов. Благодарност до целиот тим на МВР што успешно интервенираа и помогнаа во цела ситуација, го фатија волкот безбедно, до град Скопје кои беа вклучени во целиот процес на спасување и до мојот колега Сашо Панчев кој веднаш дојде успешно го залови и пренесе до Зоолошка. Ќе биде наредниот период во карантин секако чуван и згрижен од тимот на ЗОО Скопје. Животното е питомо и мирно и нема потреба од паника.

За среќа, оваа ситуација заврши без последици, но уште еднаш апелираме и потсетуваме дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно. Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво на синџир и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување.“ – вели Мицковска.

Волкот е заштитен див вид според Законот за заштита на природата и ловечките прописи. За фаќање, држење, транспорт или одгледување би биле потребни посебни дозволи од надлежните институции, а за физичко лице речиси е невозможно легално да го чува дома.

Исто така, и Законот за заштита и благосостојба на животните го уредува чувањето диви животни, каде стои дека диво животно не смее да биде чувано во заробеништво во кое му се нанесува страдање и не одговара на неговите природни потреби.

Во текот на денот се очекува од МВР и другите надлежни органи да излезат со официјален став околу идентификувањето на сторителот и потенцијалните санкции против него.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ