Во организација на нуркачкиот центар „Амфора“ викендов се одржа голема еколошка акција за чистење на дното на Охридското Езеро, во која учествуваа околу 80 нуркачи од Македонија и неколку земји од регионот. Централната локација на акцијата беше автокампот Градиште, а паралелно се чистеа повеќе точки долж охридското крајбрежје.
Нуркачите интервенираа на локации кај Градското пристаниште, Заливот на коските, Љубаништа, Калишта и други делови од езерото, при што од дното беа извлечени големи количини отпад – пластични шишиња, стакло, лименки, метални предмети, гуми и разновиден цврст отпад што со години завршувал во езерските води.
Организаторите посочија дека акцијата има двојна цел – директно чистење на езерото, но и подигнување на јавната свест за потребата од поголема грижа за природното богатство кое е под заштита на УНЕСКО. Тие апелираа до граѓаните и туристите да покажат поголема одговорност кон животната средина, бидејќи загадувањето на езерото претставува сериозна закана за уникатниот екосистем.
Во еколошката акција учествуваа нуркачки клубови и организации од Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија и Албанија, меѓу кои нуркачкиот центар „Амфора“, Клубот за подводни дејности „Охрид“, како и повеќе нуркачки и еколошки здруженија од регионот. Поддршка на настанот дадоа локалната самоуправа, компании, институции и волонтери.
Организаторите најавија дека ваквите активности ќе продолжат и во иднина, со цел зачувување на Охридското Езеро и неговиот природен биодиверзитет за идните генерации.









