Ниту дождот не успеа целосно да ја изгаси депонијата во Радовиш, која веќе шести ден чади. И покрај напорите, огнот е изгаснат, но чадењето не престанува и во зависност од интензитетот на ветерот завршува во градското подрачје.
Опозициските советници побараа прогласување на вонредна состојба. По состанокот на Кризниот штаб, општината Радовиш излезе со препораки, меѓудругото да се користат заштитни маски, да се избегнува непотребен престој на отворено и да се ограничат движењата, особено во периоди кога чадот е најинтензивен, а прозорците да се затворат.
Чадот од радовишката депонија изутрината се чувствуваше до околните Штип и Струмица, додека општината, јавното претпртијатие и со помош на компании се работеше на гаснењето.
Пожарот на депонијата избувна во четвртокот минатата недела, по што инервенираа пожарникарите и го локализираа следниот ден. Но, веќе во саботата повторно градот беше зачаден. Градоначалникот Љупчо Почивалец рече дека депонијата била гаснета со над 120 тони на вода, но пожарот не бил локализиран. Конечно, денеска интензивниот дожд го изгаснал огнот, но депонијата останува да чади, по што на помош биле повикани градежни компании со цел да се покрие со песок.
-Сите фирми коишто имаат градежна механизација – кипери на багери и булдожери ги ангажиравме и истите луѓе уште вчера сабајле значи беа на терен. Имавме 13 кипери, имавме четири багери и еден буложер и скипови, нормално оние што се на „Плаваја“ и луѓето цел ден активно работеа во делот на носење на земја со цел за потопување на истата. Денес од сабајле дополнително е ангажиран уште еден булдожер од „Жикол“, се разнесува земјата на тие бочни површини, бидејќи депонијата не гори одозгора што е површинскиот дел, туку горе бочниот дел чади, каде што веќе има насипи високи повеќе од 15 – 20 метра. Тие бочни површини имаме потреба да ги опшиеме на еден начин или да ги обложиме со земја. Тоа е исклучително голема количина земја којшто еве и ден денес, значи исто 13 кипери денес работат со повеќе од четири багери за утовар и два булдожери за разнесување на таа на таа количина на земја којашто се поставува на депонијата, кажа градоначалникот Почивалец.

Кризниот штаб е во постојано заседание и е во координација со државните институции. Општината очекува препораки и насоки како да продолжат со оваа еколошка криза, што го зафати поширокиот регион. Депнијата е во непосредна близина на градот и тоа е чадот на моменти целосно го покрива градот.
Граѓаните се загрижени за последиците од повеќедневното чадење на депонијата и потенцијалните отровни честички во воздухот. Општината не поседува такви анализи, објаснува градоначалникот. Двете мерни станици за амбиентален воздух не се во фунција. Советниците побараа одговорност од раководството и прашаа дали некој од ЈП „Плаваја“ треба да се чувствува одговрен
-Дали некој намерно се обидувал да ја сокрие сериозноста на ситуацијата и како институциите не комуницираат во ваква криза? Бидејќи еколошкиот пожар не е локален проблем, туку е државен ризик и мислам дека со и со мерките е веќе задоцнето. На вас граѓаните ви ја дадоа целосна поддршката. Вие требате уште на третиот ден да донесете мерки на локално ниво и од третиот ден да го известите Министерството за животна средина во консултација со нив, бидејќи ова веќе седми ден и ова ќе трае. Кога вие планирате да ги донесете тие мерки? Кога планирате да извести владата и како вие во која во која ситуација Министерството за животна средина после седми ден? А веќе поминува и оваа недела, ќе трае чадот“, реагираше советник.
Беше покренато и прашањето за тоа кој треба да прогласи вонредна состојба на територија на општината, за што беше најавена вонредна седница на Советот на општината, на која треба да се расправа за состојбите и евентуалните мерки.
Од општината очекуваат вклучување и на Владата и повикаа да не се создава, како што беше речено непотребна паника поради страв од влијание на канцерогени честици.







