Светска банка објави регионален економски извештај за периодот 2024 – 2025 година, каде во миграциските трендови, пишува дека Македонија е единствената земја на листата, покрај Косово, која покажува мало подобрување, односно намалување на иселувањето. Според овие податоци, имало 5.900 заминувања во 2024 година за следната година да се намалат за 200 – 5.700 во 2025 година. Иако промената е мала, таа одразува еден вид стабилност во споредба со соседите кои доживуваат брз раст на емиграцијата.
Причините за оваа стабилност можат да се поврзат со напорите за структурни реформи и пазарот на трудот кој се обидува да ја апсорбира слободната работна сила. Сепак, негативниот тренд покажува дека основните проблеми како што се корупцијата и ниските плати продолжуваат да ги истеруваат граѓаните, но земјата успеа донекаде да ги контролира ненадејните големи одливи.
Светска банка забележува дека регионот продолжува да страда од континуираното осипување на работната сила, создавајќи големи тешкотии на пазарот на трудот. Албанија е најизразен проблем со највисоки бројки на нето емиграција (заминувања минус враќања), додека Србија има најниски бројки во споредба со нејзиното население.






