Паркинзи ПОЦ лани заработиле 249 милиони денари – зошто пак се зголемуваат цените – реагираат граѓаните кои покренаа петиција

Групата „Пристоен Капиштец“ покрена петиција револтирани од новиот Ценовник за паркирање во Општина Центар на ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ). При тоа, како што реагираат, на граѓаните им се наметнуваат нов Ценовник и Правилник кои кратат права и поскапуваат услуги. Без анкета. Без расправа. Без образложение. Без наша согласност.

Во прилот на петицијата изнесуваат и неколку податоци:

„Неколку бројки за да ги имате пред себе додека одлучувате во наше име. На локалните избори во октомври 2025 г., Општина Центар има 44.109 запишани избирачи. Гласале 22.347. Половината воопшто не излегоа.

Градоначалникот Горан Герасимовски е избран со 8.535 гласа. Под 20 проценти од вкупниот избирачки список. Со други зборови, четири од петмина жители или гласале против него, или воопшто не гласале.

Над 800 потписи на петицијата за неколку дена.

Уште во овој момент оваа бројка во однос на неговиот изборен резултат станува политички значајна. Ќе видиме до каде ке стигнеме деновиве…

А еве и бројките за ПОЦ во 2025: 249 милиони денари приходи. 17 милиони нето добивка. 44 милиони акумулирана добивка. Претпријатие во рекорден плус. И во истата таа година, на граѓаните им се наметнуваат нов Ценовник и Правилник кои кратат права и поскапуваат услуги.

Во петицијата се вели; На 15 април 2026 година, ЈП Паркинзи на Општина Центар донесе нов Ценовник и нов Правилник за користење на јавните паркиралишта кои директно го зголемуваат финансискиот товар на жителите на Општина Центар.

Одлуката беше донесена без претходна анкета, без јавна расправа и без каква и да е консултација со засегнатите граѓани.

Конкретно, со новиот Ценовник:

Семејство чии членови поседуваат две возила регистрирани на иста адреса, но на различни сопственици, почнува да плаќа 6.000 денари годишно за второто возило.

За третото возило наплатата е 18.000 денари годишно.

Вкупно, семејство со три возила ќе плаќа до 24.000 денари годишно само за паркирање пред сопствениот дом.

Дополнително, користењето на паркинзи надвор од сопствениот сектор, кое досега беше бесплатно, сега се наплаќа по 500 денари по возило месечно.

Ова не е мала административна корекција. Ова е значителен финансиски удар врз семејните буџети, наметнат без никакво образложение и без ниту еден ден дијалог со граѓаните.

Потсетуваме дека сопствениот Статут на ЈП Паркинзи 2026, во Глава XIII (ЈАВНОСТ), Член 63 и Член 64, јасно го обврзува претпријатието редовно, навремено, целосно и вистинито да ја информира јавноста за својата работа и развојни програми. Оваа обврска очигледно не беше почитувана.

Потсетуваме исто така дека пред зголемување на цените, ПОЦ е должен да обезбеди квалитетна услуга: обележани паркинг места, редовно одржување и чистење, доследно спроведување на резидентниот режим на мешаните паркиралишта и достапна услуга за отстранување на непрописно паркирани возила во сите часови и во неработни денови. Ниту едно од овие не е обезбедено на задоволително ниво.

Со потпишување на оваа петиција бараме:

Итно суспендирање на новиот Ценовник додека не се спроведат вистински консултации со жителите

Организирање на јавна расправа со претставниците на сите паркинг сектори во Општина Центар
Јавно образложение за основата и оправданоста на зголемувањето на цените

Конкретен план за подобрување на квалитетот на услугата пред каква и да е наплата на повисоки цени

Паркинзите се јавна инфраструктура.

Одлуките за нивното користење мора да се донесуваат транспарентно и со учество на граѓаните.

Тоа не е привилегија. Тоа е законска обврска и основно демократско право. Потпишете и споделете. Секој потпис е порака дека граѓаните на Општина Центар се будни и нема да молчат, се вели во петицијата.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ