Штип денеска го одбележа Денот на Европа со настан посветен на младите, кој се одржа во Амфитеатарот на отворено при Младинскиот културен центар „Дом на млади“. На настанот „Европа е за можностите“, младите од Штип и регионот имаа можност да се информираат за европските програми, студирањето во странство, студентските размени и можностите што ги нуди програмата Еразмус+.
Во периодот од 13 до 17 часот, претставници на институции, универзитети и младински организации разговараа со посетителите и споделија искуства за образовна мобилност, стипендии и европски проекти. Посебен интерес предизвика младинскиот дијалог на тема „Можности без граници: Млади, Еразмус+ и ЕУ“, каде се дискутираше за европската интеграција и предизвиците со кои се соочуваат младите во државата.
Настанот заврши со младински концерт во изведба на студенти од Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а организаторите порачаа дека ваквите активности се важни за отворање нови перспективи и поголемо вклучување на младите во европските процеси.







