По завршувањето на 63-тото издание на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, жирито, во состав Марина Поп Панкова, актер, Никола Кузелов, актер и Весна Куслеска, драматург, ги донесе одлуките за доделување на награди.
Наградата за женска епизодна улога се доделува на Симона Петрушевска за ликот на Фјокла Ивановна во претставата „Женидба“, во изведна на Училиштето за театар “Од игра до претстава”, Скопје. Оваа актерка успеа со неверојатна прецизност да го изгради својот лик, при тоа обрнувајќи внимание и на сценските движења и на сценскиот говор, покажувајќи исклучителна зрелост во својата игра. Со својата присутност успеа да се наметне како клучен елемент во врзното ткиво на претставата, суптилно а неверојатно точно.
Наградата за машка споредна улога се доделува на Мартин Мацкоски за улогата на Козимо во претставата „Перфектни странци“, во изведба на Гимназијата “Св.Климент Охридски”, Охрид. Наградата се доделува за природноста со која Мартин го донесе и го оживеа ликот на сцена, носејќи динамика, живост и однос со останатите ликови низ целата претстава.
Наградата за главна женска улога се доделува на Бојана Урошевиќ, за ликовите Олга, Дада, Јасна, Стела, Лујза во претставата „Све о женама“, во изведба на Аматерскиот театар ” Мирко Таталовиќ Ќира” од Стара Пазова. Наградата се доделува за леснотијата и уверливоста со која Бојана ги портретираше ликовите, за доловување на комплексноста на женската психологија. Таа во целосна кохерентност со партнерките на сцена, без кои очигледно играта не би била целосна и уверлива, доминира со својата актерска креација.
Наградата за главна машка улога “Никола Димитров” се доделува на Видан Станоев за улогата на Трајко Кострежот во претставата “Тестостерон”, во изведба на Аматерскиот театар при Домот на културата во Кавадарци.
Наградата се доделува за шармот со кој Видан го оживеа ликот и за неговиот сензибилитет. Со точна умереност, вградена во драмскиот лик портретиран
на начин кој работи за целокупната претстава и колективнта партенерска игра.
Специјалната награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци се доделува на претставата “Кад бајка постане наша”, во изведба на Драма студио, Ниш, за храброста на поместување на едно класично дело и негова адаптација кон современата форма и пристап кој го доближуваат до сензибилитетот на најмладите генерации со цел да се оживее истото и повторно да стане актуелно.
Наградата за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, се доделува на претставата “Грета” во изведба на Училиштето за театар, Младинска сцена при театарот “Бора Станковиќ”, Врање. Наградата се доделува за смелоста со поигрување на драматуршката форма и отворање на нови аспекти со цел драмскиот текст и форма да се доближат до публиката.
Наградата за режија “Борис Стојчев” се доделува на Андрија Митиќ за претставите „Кад бајка постане наша“ и „Драги дневниче“ , во изведба на Драма студио, Ниш.
Не случајно наградата се доделува за претходно споменатите претстави, бидејќи лесно може да се препознае режисерскиот израз, модерната драмска постава и намерата за имплементирање на модерни современи форми.
Гран при “Васил Ќортшев” се доделува на претставата “Све о женама”, во изведба на Аматерскиот театар “Мирко Таталовиќ Ќира” од Стара Пазова.
Ова е комплетно остварување на целовечерна претстава со уверлива актерска игра. Со палета на силни и впечатливи женски ликови, одиграни од екстремно талентирани актерки, портретирани низ внимателно обработена драмска поставеност со конкретни режисерски, актерски и драматуршки елементи кои целосно функционираат во драмското дело.







