Мечка синоќа беше забележана на повеќе локации во Битола, а според очевидци најверојатно станува збор за истото животно.
Од СВР Битола за дел од медиумите велат дека случајот е пријавен кај нив, а од Општина Битола дека контактираат со надлежни иснтитуции за да бидат преземени соодветни мерки.
„Во врска со случајот ги информирав Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, како и Државниот инспекторат за шумарство и ловство при Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство. Деновиве има повеќе пријави до институциите за мечка во атарот на селата Трн, Оптичари, Поешево и Егри, а последната пријава на бројот 112 е за мечка видена во околината на градскиот парк во Битола. Од страна на институциите бев известен дека во тек се со актуелната состојба“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.
Ова е втор случај во неколкугодини на мечка која се симнува од Баба планина во Битола. Претходниот пат мечка се симна во 2022 година во населбата Буковски Ливади.
Инаку, според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон трајно ја забранува можноста за лов на мечки, без исклучоци. Според Кривичниот законик, ловењето дивеч под заштита, како што е мечката, се казнува со затворска казна од една до пет години.







