Со тишина, запалени свеќи и имиња што не се забораваат, во пробиштипското село Ратавица се одржа 44. „Марш на ангелите“, посветен на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Маршот започна во 19:05 часот од спортското игралиште во селото, а семејствата на загинатите, нивни блиски и граѓани уште еднаш испратија порака дека болката не стивнува и дека борбата за правда продолжува.
Настанот се одржа на денот на Задушница, симболично време за сеќавање на починатите и оддавање почит на нивниот спомен.
Во повикот на Здружението „16-ти Март“, организатор на маршот, беше нагласено дека собирот е посветен на младите животи што прерано згаснаа.
„На денот на Задушница, со тишина, молитва и болка што не поминува — ќе чекориме за нашите Ангели. За оние чии гласови замолкнаа прерано, но чие присуство засекогаш останува во нашите срца“, порачаа од здружението.
Учесниците на маршот носеа свеќи и фотографии од жртвите, а низ Ратавица се ширеше молк исполнет со емоции и сеќавања. Родителите и блиските на загинатите порачаа дека на Задушница не се заборава.
„На Задушница не се заборава. Се палат свеќи. Се изговараат имиња. Се носи љубовта кон оние што физички ги нема, но духовно се со нас во секој чекор. За 63-те Ангели. За повредените. За правдата што сме должни да ја истраеме до крај“, стои во нивната порака.
Од Здружението повторија дека нивната борба останува во рамките на институциите и правниот систем.
„Не бараме пресуда на улица. Бараме правда во судница“, порачаа организаторите на 44. „Марш на ангелите“.
Маршот заврши со оддавање почит на жртвите и порака дека споменот за нив ќе продолжи да живее, а барањата за одговорност и правда нема да престанат.
(К.М.)






