Неовластено прислушување во претседателскиот кабинет имало и порано – потврди Пендаровски

Аудио снимка на состанок во кабинетот на Претседателот на целиот државно-политички врв на кој присуствувале и амбасадорите на САД и на ЕУ била направена од страна на вработен во кабинетот. Како што потврди поранешниот претседател Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“, неовластеното снимање го направил припадник на „огнената група“, која подоцна го формираше движењето ВРЕДИ.

„Тој, гледајќи дека на состанокот доаѓа и господинот Али Ахмети, од кабината на преведувачот успеал да сними неколку акценти од излагањето на Ахмети, за да може тоа партиски, политички да го употреби на другата страна, контрастраната од ДУИ. Откога тоа се откри, веднаш луѓе од надлежните институции вклучително и од АНБ разговараа со човекот, заклучија дека тој нема никаков контакт со странски служби и второ, тоа што успеал да го забележи на неговиот мобилен не е класифицирана информација. Не е никаква тајна. Потоа беше истеран, се разбира, од кабинетот“, рече Пендаровски.

Во емисијата, Пендаровски рече дека не се согласува со актуелната претседателка Гордана Сиљановска – Давкова дека во сегашниот шпионски случај од нејзиниот кабинет нема афера, иако како што рече, точно е дека нема сите документи се архивираат во физичка, писмена форма.

„Тезата е дека класифицираните информации не може да се извлечат дигитално. Добро, а може ли да се извлечат мејловите, преписката внатре во кабинет или до влада, до министерства. Значи нагаѓам, не знам. Меѓутоа, суспендиран е човекот кој работел на одржување на компјутерската мрежа заедно со некои други колеги. Велиме немаме афера, а за што е суспендиран ИТ-техничарот? Во ред, не е суспендиран архивар, значи не е таму пробиено. Просто прашувам… И индикативно е зошто треба поприлично време да помине за вие да ги дадете видеоснимките или наодите од форензичките испитувања на мобилните телефони на припадникот на кабинетот“, рече Пендаровски.

Во интервјуто, екс претседателот зборуваше и за иницијативата на дел од владините функционери од СДСМ и ДУИ за враќање и помилување на Никола Груевски. За ова се зборувало на состанок во контекст на плановите за уставните измени, од кој транскрипт направиле опозиционерите од ВМРО ДПМНЕ и го дале на американската амбасадорка Анџела Агелер, без да знаат дека и таа била на состанокот.   

„Бидејќи во тој период имаше шпекулации, морам да бидам искрен и да кажам и во рамки на врвовите на тогаш владејачката партија СДСМ, дека наводно јас сум еден од проблемите за тоа, бидејќи не сакам да се согласам со помилување на Груевски. Кратко појаснување – Груевски во тој момент веќе има две правосилни пресуди и може да се врати само на два начина: ако јас го помилувам или ако донесат закон за амнестија во Собрание. Таков закон е донесен 2018 година, сите знаеме. И ВМРО, цела пратеничка група гласаше – 92 гласа има тој закон за делумната амнестија. Опфатени се многу луѓе, меѓутоа сите знаеме дека индиректно беа опфатени и оние што гласаа за промена на Уставот, за упадот во Собранието… И сега јас на почетокот, како домаќин на оваа средба што ви ја споменав, велам, ќе ми дозволите неколку позиции да објаснам кои се однесуваат на моето размислување за целиов политички контекст. И меѓу другите работи велам – слушам дека некаде има шпекулации дека треба јас да го помилувам Груевски зашто така е најбрзо да ја завршиме работава, па тој ќе дојде, ќе ги убеди пратениците на ВМРО, извесна бројка и ќе се гласаат уставните измени. Јас реков – на тоа да не смета никој, Груевски во ниту една варијанта немам намера да го помилувам. Ако сакате толку закон за амнестија, во парламент имате доволно мнозинство – терајте… Средбата е како до уставни промени. Што мислите вие, прашуваа странците. И тие даваа свои предлози, да не откривам детали, значи и Американката и Гир даваа свои предлози како полесно до таа варијанта или прашуваа, а зошто не би направиле вака? Тоа е ваше, меѓутоа каде ние можеме да помогнеме и така натаму и така натаму“, кажа Пендаровски за „360 степени“, каде прашан дали би се вратил во политиката изјави дека тоа е можно само „ако се создадат услови да се формира сериозна, широка, голема опозициска коалиција која ќе има шанси да ја собори оваа власт“.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ