Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против С.Б. во својство на службено лице – директор на Царинската управа, С.М. во својство на службено лице – помошник директор во Царинската управа, Д.Г. во својство на овластено лице во правно лице, А.С. во својство на вработено лице во правно лице и против едно правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, од член 275-в од КЗ на РСМ, „Примање поткуп“од чл.357 од КЗ на РСМ, „Давање поткуп“ од чл.358 од КЗ на РСМ и „Примање награда за противзаконито постапување “ од чл.359 од КЗ на РСМ.
-Според прибраните докази постојат основи на сомнение дека во периодот од јули 2023 година до март 2024 година, пријавените свесно ги повредиле прописите за спроведување на постапките за јавна набавка „Надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали со цел фаворизирање на пријавеното правно лице и изигрување на постапката за доделување на договорите за јавна набавка, на начин што, пријавениот С.Б. како директор влијаел во тендерската документација и техничката спецификација да бидат внесени ограничувачки критериуми, а пријавениот С.М., како помошник директор, влијаел врз други правни субјекти да не учествуваат во постапките за јавна набавка, со што обезбедиле услови за избор и му овозможиле на пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист од големи размери во вкупна вредност од 18.479.692 денари, информираат од Финансиска полиција и додаваат:
-Пријавениот А.С. со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши кај пријавениот С.Б. во својство на директор на Царинската управа, по што во содејство со пријавениот Д.Г., влијаеле кај пријавениот С.М. на кој непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него како и посредно за пријавениот С.Б., за да извршат службено дејствие што не би смеело да го извршат, за што пријавениот С.Б., во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С.М., се вели во соопштението од Финансиска.
Постапувајќи по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица – директор и помошник директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект. На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание.
-Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари. Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката.
Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание. Со цел непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, информкираат од ОЈО ГОКК.







