Минатогодишниот договор со банките имаше ограничен рок на траење и од први август најавуваат повисоки провизии. Народната банка, не може да ги ограничи, но доколку се донесат законски измени, ќе може да се стави ред во зголемувањето на провизиите. Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во пост на социјалните мрежи апелираше да се разгледаат законски измени со кои би се вовеле дополнителни механизми за заштита на корисниците на платежните услуги и ограничување на одредени банкарски надоместоци, по примерот на повеќе европски земји. Соседна Србија на пример, има таков механизам.
увернерот во постот вели дека платниот промет е услуга што секојдневно ја користат граѓаните и компаниите и затоа прашањето за висината на надоместоците заслужува поширока јавна и институционална дебата.
„Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања покажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка, по примерот на повеќе европски земји каде што постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги. Целта е граѓаните и компаниите да имаат пристап до ефикасни платежни услуги по разумни надоместоци, во согласност со современите европски практики“, напиша Славески.
Лани во септември Народната банка укажа, а банките постапија со намалување на надоместоците. Со ова, се овозможи граѓаните и компаниите плаќаат да пониски банкарски провизии, откако дел од најголемите банки официјално објавија дека ги намалуваат трошоците за трансакции. И тогаш и сега е факт дека високите надоместоци претставуваат товар и за домаќинствата и за стопанството.






