Казна од 105.000 евра за ФК Шкендија за националистички скандирања, непочитување на химната, пиротехника и одбивање да ги прими медалите

Фото: ФФМ

Долг е списокот на казни за три фудбалски клуба, кои денеска им ги изрече Дисциплинската комисија на ФФМ. Најголема парична казна со вкупен износ е изречена за ФК Шкендија.

Шкендија се казнува со парична казна во висина од 15.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу ФК Силекс и ФК Шкендија. Дополнително, ФК Шкендија се казнува со 10.000 евра поради националистички скандирања и слогани со навредлива содржина на национална основа, како и со 20.000 евра поради истакнување транспарент со нацистичка содржина, за што веќе беа казнети од УЕФА.

ФК Шкендија е исклучен од натпреварувањето во Купот на Македонија за сезоната 2026/27 поради одбивање да ги прими медалите на свечената церемонија, како и поради деградирачки и непочитувачки однос кон официјалните лица и противничката екипа. Клубот е казнет и со 30.000 евра.

Покрај тоа, на ФК Шкендија му е изречена казна од 30.000 евра и забрана за присуство на публика на следните четири домашни натпревари поради непочитување на националната химна, односно исвиркување и дискриминаторски однос за време на финалниот натпревар од Купот на Македонија.

ФФМ соопшти дека е казнет и ФК Вардар со парична казна во висина од 15.000 евра поради навредливо скандирање од страна на навивачите и несоодветна прослава на титулата од страна на фудбалерите.

Воедно, Дисциплинската комисија поведе постапка против ФК Вардар поради користење на пиротехнички средства на натпреварот од 33. коло помеѓу Вардар и Шкендија.

Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Силекс се казнува со парична казна во висина од 5.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу ФК Силекс и ФК Шкендија.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ