На очиглед на државните институции 110 работници од две штипски конфекции останаа без плати, отпремнини и К-15

Речиси преку ноќ затворија двете конфекции со германски сопственици – „Фермактекс“ и „Европа фешн“ од Штип ,оставајќи 110 работници без плата за месеците април, мај и јуни 2025 година во вкупен износ од 200.000 евра, без пресметан данок. По повеќе од една година, додека трае голготата на работниците во добивање на соодветни отказни решенија и надоместоци од работен однос, објектот каде работеа двете конфекции се продава за 2 милиони евра. Објектот е огласен преку Агенција за недвижности, а една од компаниите е во стечај.

– Три месеци не зедовме ни плата, не зедовме ништо, никакви придонеси. Ни беше укинато здравственото осигурување. Значи немавме буквално ништо. Бевме оставени без плата, без пари и да се снаоѓаме кој како може. Е затоа очекуваме дека барем основата што треба државата да ја преземе за нас, како што е заштита на нашите права, плаќање на придонесите, да не останеме само како бројка што биле напуштени без никаков приход, рече Анета Јованова, работничка.

Нејзината колешка Светлана Петкова 17 години работела во конфекцијата како пеглачка, од отворањето па се’ до добивањето отказ. Има уште четири години до пензија и вели дека најголем проблем, покрај неисплатените плати и укинатото здравствено осигурување, поради што не можела да си ја обезбедни редовната месечна терапија.

-Не’ оставија на милост и немилост. Без пари, здравство неплатено. Не те прашуват дали имаш или  немаш. Прво и прво до здравство не можеш да дојдеш. А сите сме под лекарства и сеа треба да одеш да се молиш, а нема на кој да се молиш, да те услужа да ти даде некои лекарства, вели Петкова.

Работниците со посредство на „Гласен синдикат“ и Здружението „Гласен текстилец“ пријавиле до надлежните институции.  Реагирал Државниот трудов инспекторат, меѓутоа, изречените казни од 50 или 100 евра се незначајни за сопствениците кои ги оставија работниците без плати. Апсурдот да биде поголем, според претседателката на „Гласен текстилец“ Кристина Ампева, македонските институции како Финансиска полиција, МВР и Обвинителството и покрај пријавите не реагираат. За разлика од македонските институции,  случајот е веќе предмет на постапка пред германскиот национален контакт пункт за ОЕЦД по пријава на „Гласен текстилец“, каде германските институции веќе преземаат чекори и бараат информации од сопствениците — германскиот холдинг „Фелдуес холдинг ГМБХ“ (Feldhues Holding GMBH).

„Зошто странските институции повеќе се залагаат за правата на македонските работници отколку самите домашни институции кои се платени од граѓаните“, Ампева. Според неа, дури биле и на разговори, меѓутоа нема апсолутно ништо како одговор.

-Ме интересира Финансиската полиција и Секторот за економски криминал при МВР што имаат направено. Не можам да ги добијам одговорите, не можам да ги натерам да работат. Ако сакаат да бидат газди нека дојдат, нека платат, нека работат, па нека си одат. Во овој случај ова што им го дозволува македонската држава заедно со нејзините институции, не е во ред, бидејќи се платени токму за овие работи, бидејќи ние ги знаеме нивните ингеренции, кои им се како институции, па затоа сме пратиле и дописи. Не е нормално после година и кусур да немате одговори од оние коишто се должни да ви одговорат на на еден ваков еден случај и дополнително вие ги гледате огласите за продажба и никому ништо. Збориме за 200,000 евра. Додека овде имаат бараат побарување имотот е на продажба за 2 милиона евра, вели Ампева.

Со цел да ја спречат продажбата на имотот беа да се обештетат работниците, од „Гласен текстилец“ ги известиле сите надлежни институции да го спречат отуѓувањето и продажбата на имотот без да бидат исплатени обврските кон работниците и државниот буџет. Додека има молк од македонските институции, Ампева додава дека е верува оти Германија ќе ја истера работата против сопствениците на двете конфекции.

-Нема да си поминат туку така лесно, бидејќи таму барем важат законите. Зошто странските институции повеќе се залагаат за правата на македонските работници отколку самите домашни институции кои се платени од граѓаните? Управителите на двата правни субјекти, „Фермактекс“ и „Европа фешн“, се од Република Бугарија. Истовремено, се поставува прашањето зошто странските институции повеќе се залагаат за правата на македонските работници отколку самите домашни институции кои се платени од граѓаните, кажа Ампева.

Не е прв пат преку ноќ да се затворат конфекции каде имало странски сопственици, меѓутоа, како што забележуваат работниците, македонските институции се тие што гледаат и не реагираат. Насобраните работници бараат државата, каде плаќаат даноци да ги заштити и застане на патот на личното богатење на овие странци, кои им останаа должни.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ