Кочани пред Локалните избори во сенка на трагедијата – Кој ќе собере храброст да го води градот?

Пет месеци по кобната ноќ во дискотеката „Пулс“, Кочани сè уште ја носи тагата како дел од своето секојдневие. Болката останува присутна, но градот веќе се соочува со нов предизвик – локалните избори. Во ваква атмосфера, кочанчани очекуваат изборната кампања да биде поинаква од претходните – потивка, посмирена и повеќе насочена кон одговорноста и човечките судбини.

Револтот кај дел од граѓаните оди дотаму, што некои велат дека не сакаат воопшто кампања во нивниот град. На еден од протестните маршеви на родителите на загинатите во „Пулс“, една од мајките рече дека која и партија да се појави на митинг во Кочани, ќе биде пречекана од мајките на загинатите со фотографии од своите деца, бидејќи, како што рече, „сите партии ја носат одговорноста за корупцијата и нефункционалниот систем“. Во ваква траорна и тензична атмосфера, една од поголемите општини на Истокот се подготвува за големиот предизвик – Локалните избори во октомври.

Најави за кандидатури

Иако се шпекулира со повеќе имиња, ретко кој се осмелува јавно да ја потврди својата амбиција и во двата најголеми табора – СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Дел од потенцијалните кандидати го интензивираат своето темпо на јавно појавување, но се’ уште никој од двете страни не излезе јавно да каже дека има градоначалничка амбиција.

Единствениот од сите со градоначалнички амбиции којшто јавно ја обелодени својата намера за кандидатура, е актуелниот в.д. градоначалник Венко Крстевски, кој дојде на функцијата по оставката на Љупчо Папазов во понеделникот непосредно по трагедијата.

Тогаш Советот на многу тензична седница, проследена со оставка во солзи на советничката Кристина Атанасова – Арсова, чиј син е меѓу повредените во пожарот, со два круга на гласање го избра Крстевски за вршител на должноста до изборите.

Венко Крстевски, в.д. градоначалник на Кочани и потенцијален кандидат за градоначалник на Кочани

„Ќе се кандидирам како независен кандидат. После Пулс веќе ништо не смее да остане исто,“ изјави Крстевски уште во јуни, нагласувајќи дека ќе настапи самостојно.

ВМРО ДПМНЕ чека на внатрепартиските анкети

ВМРО ДПМНЕ сè уште нема ниту кандидат за градоначалник, ниту составена советничка листа за Кочани. Во трката за кандидатура се споменуваат повеќе имиња. Типично за оваа партија во Кочани е што во неколку наврати настапуваше со кандидатури на локални бизнисмени – стратегија која се покажа успешна во повеќе наврати, вклучително и на претходните избори, кога Љупчо Папазов со тесна разлика го победи противкандидатот од СДСМ, Николчо Илијев.

Во локалните кругови се споменува името на еден бизнисмен, но шпекулациите се поделени – од тоа дека се двоумел, па сè до тоа дека ќе се чека последниот момент за објава. Дополнително, се разгледуваат уште неколку препознатливи партиски имиња, но извесно е дека одлуката ќе се носи по завршување на внатрепартиските анкети.

Миле Лефков, пратеник на ВМРО ДПМНЕ од Кочани и премиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при последната посета на Кочани, доби новинарско прашање за можниот кандидат.

„Роковите ќе бидат запазени и на време ќе излеземе со кандидат. За Кочани и околните општини се прават внатрепартиски анкети, но сигурно е дека тоа ќе биде кандидат од партијата, а не од помалите коалициски партнери.“

СДСМ: „На Кочани му треба надеж“

СДСМ сè уште нема донесено конечна одлука за кандидатура во Кочани. Од партијата велат дека целта е да се најде личност која ќе биде препознаена и прифатена од локалната заедница.

Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ

„За најголем дел од Општините, СДСМ веќе излезе со свои понуди за кандидати. Остануваат уште неколку Општини за кои се прават проценки, вклучително и за Кочани. Намерата е да донесеме солидна одлука за добар кандидат, којшто е препознаен од својата локална заедница како чесен, достапен, со знаење за локалните предизвици, но и со желба на истите да одговори со конкретни решенија во полза на целата заедница. Ова е особено важно за Кочани, затоа што на овој град и на кочанци во периодов кој претстои е потребно да се помогне да закрепне од тешката, огромна трагедија којашто остави длабоки лузни во секојдневното живеење и функционирање на градот“, изјави за Канал 77 потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.

Левица: „Сеуште траат консултациите“

Од Левица, која на последните избори освои едно советничко место во кочанскиот совет и во моменти игра клучна улога во носењето одлуки на Советот, велат дека сè уште се во фаза на консултации:

„Во моментов партијата е во фаза на внатрешни консултации и разгледување на повеќе опции во однос на настапот на локалните избори во општина Кочани. Конечните одлуки ќе бидат навремено соопштени на медиумите и јавноста,“ одговорија од партијата на прашањата на Канал 77.

Независни листи – повторно на сцена?

Покрај партиските подготовки, веќе неофицијално се најавува најмалку една независна граѓанска листа, предводена од истакнат граѓански активист. Иако периодов во Кочани интензивно се зборуваше да независната листа, засега никој не дава потврда за намерите.

На претходните избори таква листа успеа да освои едно советничко место, предводена токму од сегашниот в.д. градоначалник Венко Крстевски. Сепак, овојпат Крстевски најави само дека ќе настапи со своја лична кандидатура за градоначалник, без да ја спомене можноста и да формира своја независна листа.

Совет на општина Кочани

Кој и да биде идниот градоначалник и кој и да го предводи мнозинството во новиот состав на Општинскиот совет за Кочани, овие избори не се само борба за функција – тие се потрага по надеж и начин градот да ја надмине болката. Одлуката што ќе ја донесат граѓаните ќе покаже кој може да ја понесе одговорноста и да го врати духот на заедницата.

Предизборната трка во Кочани ќе биде тест за сите партии и кандидати – дали ќе понудат вистински решенија за градот или ќе останат во сенката на трагедијата.

Граѓаните очекуваат лидерство. Иднината на Кочани зависи од изборот што претстои. Дали градот ќе успее да ја претвори трагедијата во сила за нов почеток – зависи од визијата и искреноста на оние што ќе ја добијат довербата на граѓаните.

Мартин Каровски

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ