Шукова: Преку БРТ системот јавниот превоз во Скопје ќе го решиме до средината на 2028 година

Јавниот превоз во Скопје е една од клучните слабости на градот, оцени Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Скопје и потпретседателка на СДСМ, во изјава за медиумите.

Шукова потсети дека претходните ветувања на ДПМНЕ и актуелната градоначалничка Арсовска за нови еколошки автобуси, бесплатен превоз и ред во јавниот сообраќај останале неисполнети. „Денес нема нови автобуси, постојните се стари, нечисти, доцнат премногу, а некогаш и не доаѓаат воопшто. Дел од приградските линии се укинати или нередовни. Градскиот јавен транспорт е крајно небезбеден и во колапс“, рече Шукова.

Таа нагласи дека решавањето на јавниот превоз е итно и клучно за квалитетен живот во Скопје, за сите граѓани – оние кои се возат, но и оние кои не се возат.

„Решението постои, а јас заедно со Градот ќе го реализирам. Како градоначалничка, итно ќе започнам со проектот БРТ, кој ќе обезбеди нова модерна мрежа на урбаниот транспорт, преку коридори резервирани само за автобуси. Проектот вклучува набавка на нови еколошки автобуси и ревитализација на две депоа“, најави Шукова.

Средствата за проектот, во висина од 40 милиони евра, веќе се обезбедени од Европската банка за обнова и развој. Првата линија на БРТ ќе овозможи брзо и навремено патување од Ѓорче Петров до Аеродром – преку Центар и Ново Лисиче – за само половина час. Системот ќе опфати 13 километри во една насока, 21 автобуска постројка, два терминали и 29 автобуси, со капацитет од 65.000 патници дневно.

Шукова најави дека ќе се работи и на втората север–југ линија, како и на набавка на нови еколошки автобуси за сите линии низ градот, со цел целосна замена на старите и неефикасни возила.

„БРТ е решението кое ќе ја подобри состојбата со автобускиот превоз во Скопје. Ќе почнеме веднаш, за Скопје и за скопјани“, заклучи Шукова.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ