Обвинителството му поднесе Обвинителен предлог на таткото кој претепа млади фудбалери на ФК „Брегалница“ – Штип

За грубо насилство, при што ја загрозил сигурноста на две 15-годишни деца на 45-годишен жител на Скопје Обвинителството му поднесе Обвинителен предлог за кривичното дело „Насилство“ од член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти Обвинителството, на 24 август, на фудбалскиот стадион “Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалскиот натпревар помеѓу пионерските екипи на фудбалските клубови “Брегалница“ од Штип и “Шкупи“ од Скопје, обвинетиот со грубо насилство ја загрозил сигурноста на оштетените две 15-годишни деца, кои биле играчи во тимот на ФК “Брегалница“.

„На децата им нанел телесни повреди, а кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на обвинетиот, кој играл за „Шкупи“. Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, соопшти Обвинителството.

Во исто време, Обвинителството од Основниот сди – Штип побара обвинитиот да остане во притвор.

Како што веќе информиравме, на А.А. (45) од Скопје, судија на претходна постапка му изрече мерка притвор за инцидентот од минатата недела, кога сред фудбалски натпревар, влезе на теренот и со боксови претепа две деца – фудбалери на ФК „Брегалница“.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изрече неколку дисциплински мерки во врска со овој натпревар.

На младиот фудбалер на „Шкупи“, Леарт Абдуљи му е изречена најстрога санкција – исклучување од фудбалската организација. Покрај него, уште двајца играчи на ФК Шкупи 1927 – Рамадани Ибрахим (бр. 5) и Новобрдалија Амар (бр. 30), исто така се вклучија во инцидентот и извршија физички напад. Против нив е поведена постапка согласно член 43 став 1, по што им е изречена казна – забрана на играње во траење од три месеци, информираат од ФФМ и додаваат:

-Дополнително, беше утврдено дека играчот на ФК Брегалница 2008 со број 4, Гоцев Симеон, се впушти во груба игра и пречекорена самозаштита, реагирајќи на нападот. За неговата постапка, која спаѓа под член 40 од ДП, му е изречена казна – забрана на играње на четири натпревари. Првостепената дисциплинска комисија утврди и организаторска и колективна одговорност на двата клуба. Против ФК Шкупи 1927 е поведена дисциплинска постапка согласно член 51 од ДП, поради физички напад од страна на родители/навивачи врз противнички играчи, со што е сторен тежок прекршок од страна на навивачи/гледачи. Согласно член 29, санкцијата се однесува конкретно на екипата, помлади пионери која го сторила прекршокот. Против ФК Брегалница 2008 е поведена дисциплинска постапка согласно член 48 од ДП, поради слаба организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето. И во овој случај, согласно член 29, постапката и евентуалните санкции се однесуваат на конкретната екипа, помлади пионери која била домаќин на натпреварот. Против Алејса Виши, координатор на млади категории на ФК Шкупи 1927 се поведува дисциплинска постапка поради давање на лажни информации, измама и доведување во заблуда, односно ставање во Комет системот на ФФМ, лица во графата – шеф на стручен штаб и кондициски тренер кои воопшто не присуствувале на натпреварот Брегалница – Шкупи 1927, информираа од ФФМ.

Двајцата повредени фудбалери, кои завршија со телесни повреди се на домашно лекување.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ