Кочани: Идниот петок ќе се уриваат дивоградбите во Трговскиот центар – Повикани сопствениците сами да ги отстранат дотогаш

Општината Кочани со соопштение најавува акција за уривање на дивоградби в петок, 5 септември во попладневните часови на просторот во Трговскиот центар. Уривање е по решение од градежен инспектор, при што ќе се уриваат дивоградби што ја загрозуваат безбедноста во Трговскиот центар.

-Доколку до тој период сопственикот на нелегалниот угостителски објект на терасата во Трговскиот центар сам не ја отстрани дивоградбата, уривањето ќе го изврши Општина Кочани преку економски оператор избран со јавна набавка, соопштува Општината.

На 28 април актуелниот в. д. градоначалник Венко Крстевски одржа состанок со угостителите од Кочани информирајќи ги дека Општината ќе се залага за хуманизација на просторот и дека безбедноста е првата причина поради која нема да се прават отстапки со узурпација на јавните површини.

На 18 јуни оваа година Крстевски поднесе кривична пријава за узурпација на јавна површина и бесправна градба против угостители што ја загрозуваат безбедноста на граѓаните истакнувајќи дека и по трагедијата во „Пулс“ има угостители што работат нерегуларно и незаконски, со што покажуваат дека поважен им е личниот профит, отколку безбедноста и здравјето на граѓаните, на жителите во зградите каде што се лоцирани објектите, но и на самите посетители.

Следеше јавна реакција од сопствениците на угостителите во Трговскиот центар, кои инфомираа дека „како угостители што чесно плаќале на општината, сега се третирани како сопственици на дивиградби и узурпатори, прашувајќи дали општината „која нелегално и бесправно се има збогатено на наш грб, а ги има оштетено станарите со огромни суми на пари“.

„Доколку постапуваш законски и по сите правила општината има веќе донесено 700 решенија за рушење на диво изградени објекти, објасни зошто не го срушите прво објектот во склопот на општината поранешен ТИНЕКС, за кој што до пред 20 дена општината наплаќаше ќирии, објасни зошто оваа твоја неоснована иницијатива не ја покрена додека се реновираа сите објекти во време кога ти беше советник два мандати во општина Кочани и зошто тогаш не даде предлог на советот да не реновираме и да не си ги трошиме без потреба парите кои со многу труд и многу мака ги заработуваме?“, реагираа до в.д. градоначалникот Венко Крстевски угостителите во соопштението во јуни.

Со најавата за уривање на нелегалните објекти што ја загрозуваат безбедноста, в. д. градоначалникот Крстевски потсетува дека јавната површина е јавен интерес и дека нема никаква толеранција кон угостителските објекти коишто го узурпираат јавниот простор и создаваат безбедносен проблем.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ