Со Бугарија треба да си подадеме рака, иако штетите од бугарското вето се непоправливи – Колемишевски во „Стадион“

Навраќајќи се на македонско – бугарските односи во времето кога беше дел од Владата на СДСМ и Зоран Заев во периодот од 2019-2020 година, поранешниот заменик министер за економија, Кирил Колемишевски рече дека бугарскиот премиер Бојко Борисов пријателски се однесувал. Единствено, како што рече, го загрижило интервјуто на премиерот Заев за БГНЕС, во кое вели дека сме еден народ и  дека имало бугарска администрација.

-Апсолутно се согласувам дека со Бугарија треба да си подадеме рака. И се согласувам дека години наназад стратешки е граден анимозитет, непријателски однос кон Бугарите. Тоа е факт. Треба да има рационална политика од таа страна, рационална политика од оваа страна и да се разговара како пак да се зближат луѓето. Затоа што Бугарија направи непоправлива штета со ветото. Да бев на јас премиер на Бугарија, знаеш што ќе направев?! „Ние ќе ви бидеме ментор за влез во ЕУ. Ние ќе ве поддржиме за се’, ќе ви помогнеме да градите, болници, училишта…Бугарија ќе ви ги донесе парите од ЕУ и преку пари, економска и културна соработка полека ќе се зближуваат народите и на суптилен начин ќе може да влијаат“, рече Колемишевски во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Тој кажа дека не знае која е целта, можеби во прашање се поголеми стратешки влијанија-  можеби Балканот е во прашање, за овие држави да се држат во тензија, страв…

Потегот на Бугарија според Колемишевски требаше да биде потег на добар сосед, па дури да ги позајмеше тимовите за преговори, па Македонија да влезеше во ЕУ не за пет, туку за две годни.

Кирил Колемишевски, кој сега живее во Торонто, Канада неодамна објави колумна во весникот „Нова Македонија“ насловена: „Скопје како мол, Македонија како магацин“. Во колумната пишува:

„Скопје денес е полно со трговски центри, маркети, обложувачници и коцкарници, сите осветлени со светлата на модерниот потрошувачки храм. Низ нив минува пулсот на економијата каква што ја прифативме без отпор, наметната од неколку управувачки центри, а наменета за привилегирани џебови. Излозите што се наоѓаат на најпрометните скопски улици или се затворени и залепени со евтина хартија на која е напишано и од сонцето избледено – „се издава“, или имаат блескави реклами на познати странски компании и задолжителна табла „попуст“ во излогот. Наместо македонски брендови или мирис на свеж леб и колачи, одекнуваат рекламите за нова игра, модно парче облека или за шанса што ќе ти го промени животот со еден тикет.
Економската основа на државата е поставена на неколку столба. Производството на катализатори, електронски компоненти, кабли за автомобили и металургијата носат најголем дел од извозот. Овие сектори, сместени во технолошко-индустриските развојни зони, се моторот на извозната статистика. Но тој мотор често работи на увезено гориво, суровините доаѓаат однадвор, се преработуваат и повторно се извезуваат. Домашната додадена вредност е мала, а локалните доставувачи се слабо интегрирани во синџирот на снабдување. Така добиваме раст што изгледа одлично на хартија, статистички може да се чита како се сака, политички да се презентира од аспект на позиција или опозиција, но нема длабоки корени во македонската економија.
Во првите редови на економската елита стојат енергетски гиганти, трговски и нафтени компании, телекомуникациски оператори, банки, фармацевтски производители и металуршки капацитети. До нив, на истата листа, стојат и компании од секторот на игрите на среќа. Оваа комбинација е точниот портрет на економија што делумно произведува, но троши огромни ресурси на активности што не создаваат трајна вредност. Парите се движат, но не се вградуваат во темели за иднината“, пишува во колумната на Колемишевски.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ