Анализа: Ќе се зголеми ли шансата на младите за сопствен стан?

Народната банка подготвува нови мерки со кои би се олеснил пристапот до станбени кредити, особено за млади граѓани и брачни двојки што купуваат прво живеалиште. Идејата доаѓа во услови на постојан раст на цените на недвижностите и зголемена загриженост за пристапноста на сопствен дом.

Според анализата на „Блумберг Адрија“, централната банка има можност преку макропрудентни мерки да влијае на кредитната политика на комерцијалните банки. Овие мерки најчесто се насочени кон ограничување на должничкиот товар во однос на приходите на клиентите и вредноста на обезбедувањето, со цел да се намали ризикот од презадолженост и да се заштитат и банките и граѓаните.

Еден од клучните инструменти што се разгледува е показателот ЛТВ (Loan To Value), кој го мери соодносот меѓу висината на кредитот и вредноста на недвижноста што е дадена како хипотека. Во моментов, кредитот не смее да надмине 85 отсто од вредноста на имотот.

-Централната банка следи неколку инструменти, а еден од нив е таканаречениот показател ЛТВ (од англиски Loan To Value), кој го претставува соодносот помеѓу износот на кредитната изложеност кон физичкото лице и вредноста на недвижноста над која е воспоставен залог заради обезбедување на таа кредитна изложеност. Во моментов показателот ЛТВ не смее да надмине 85 проценти, односно вредноста на кредитот не смее да биде повисока од 85 отсто од вредноста на хипотеката. Според нашите сознанија, сега Народната банка ќе бара банките да се усогласат и доколку станот се зема како прва недвижност за младите, тие да издаваат и повисоки кредити како сооднос од заложениот имот. За процентот сѐ уште се преговара, а за мислење се прашуваат и самите банки, наведуваат тие.

Гувернерот Трајко Славески минатата недела одржа средба со директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски, на која се разговараше за подобрување на размената на информации и поефикасно следење на трендовите на пазарот на недвижности. Народната банка предложи и потпишување меморандум за соработка со Катастарот, со цел побрз пристап до податоци и зголемена аналитичка подготвеност.

Со разликување на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции и со засилена институционална координација, се очекува да се создадат поповолни услови за младите граѓани да дојдат до сопствен дом.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ