Во неколку делови на Велес неодамна се појавија графити со пораки кои содржат говор на омраза кон Албанците, пренесе Алсат.
Еден од графитите бил напишан на патот што води кон Општата болница, каде пациентите биле пречекани со натпис:
„Секој Албанец што оди нагоре, се враќа ладен“. На друга локација, во близина на основно училиште, бил забележан и графитот: „Добар Албанец е мртов Албанец“.
Жителите реагирале до медиумите и случајот бил пријавен. Општина Велес, по реакциите, соопшти дека првите информации за графитите ги добила од новинарите, но веднаш презела мерки.
„Во Општина Велес не е поднесена официјална жалба, но по добивањето на првичните сознанија од медиумите, во соработка со општинското претпријатие се преземени итни мерки за нивно отстранување,“ стои во соопштението на општината.

Паралелно, јавноста очекува реакција и од Министерството за внатрешни работи. До објавувањето на оваа вест, од МВР не беа добиени информации за тоа дали е покрената постапка против сторителите.
Според член 319 од Кривичниот законик, поттикнување омраза врз етничка или верска основа е кривично дело кое може да се санкционира со затворска казна до пет години.
По отстранувањето на графитите, жителите на Велес изразија надеж дека институциите ќе обезбедат превенција и санкции, за ваквите појави да не се повторуваат и да се зачува меѓуетничкиот соживот во градот.
Фото: Алсат





