Честитки по повод Денот на независноста до македонскиот народ стигнаа од повеќе држави и претставници на дипломатскиот кор во државата.
– Честит ден на независноста! Urime Dita e Pavarësise! Оваа година е особено значајна бидејќи одбележуваме и 30 години дипломатски односи меѓу нашите земји. Во текот на три децении, изградивме силно партнерство – работејќи заедно во дипломатијата, безбедноста, образованието, културата и друго, стои во честитката од Амбасадата на САД.
Во честитката од државниот секретар на САД, Марко Рубио, е пораката пдека САД остануваат посветени на продлабочување на соработката за зајакнување на колективната безбедност и промовирање на просперитетот.
Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија испрати честитка на македонски, албански и англиски јазик:
„Честитки до сите граѓани на Северна Македонија по повод Ден на независност! Urimet më të mira për të gjithë qytetarët e Maqedonisë së Veriut me rastin e Ditës së Pavarësisë!“
Евро-комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, на социјалната мрежа „X“ напиша:
„Честитки до народот на Северна Македонија по повод Денот на независноста! Цврсто го поддржувам вашиот пат кон приклучување во Европската Унија. Со вас сме на секој чекор од тој пат“.
Британскиот амбасадор Метју Лосон во видео на македонски јазик посочува дека во чест на овој важен државен празник за македонскиот народ Неговото Величевство Кралот Чарлс Трети испрати писмо до претседателката Гордана Силјановска Давкова со искрени честитки.
„Стратешкото и меѓувладиното партнерство се исто така доказ за посветеноста на двете држави за продлабочување на соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, особено во рамките на НАТО, борбата против тешкиот и организиран криминал и корупција, соработка во областа на културата и образованието, како и економски раст и просперитет во двете држави“, вели Лосон во видео пораката.
Македонија денеска одбележува 34 години независност. На денешен ден во 1991 година, на Референдумот, 95 проценти од граѓаните се изјаснија за самостојна и независна држава.
Следеше усвојување на Декларација за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, каде пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.





