Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, изјави дека претстојниот надзор над Агенцијата за национална безбедност (АНБ) мора да се спроведе исклучиво во интерес на јавноста и граѓаните, нагласувајќи дека тоа треба да биде императив во работењето на народните претставници.
„Не знам дали Агенцијата за национална безбедност ќе има слух да изврши декласификација или делумна декласификација, но сè тоа е во интерес да можеме во детали да ја информираме јавноста“, изјави Петровска.
Таа посочи дека од надзорот очекува пристап до сите релевантни документи, не само оние што АНБ смета дека треба да бидат достапни, туку и оние што пратениците ќе ги побараат.
„Лично имам подготвено околу триесетина прашања кои ќе ги упатам, а сите се во интерес на расчистување на случајот“, додаде Петровска.
Како едно од клучните прашања, таа го посочи статусот на полиграфистот кој, според информации што кружат во јавноста, имал значајна улога во процесот на полиграфски тестирања. „Дали е тој сè уште на работа, дали заминал под притисок? Што се случило со шефот на внатрешната контрола и зошто тој бил сменет непосредно пред почетокот на внатрешната истрага?“, праша Петровска.
Според неа, отворањето на овие дилеми и добивањето конкретни одговори е клучно за „обезбелоденување на вистината околу овој таканаречен скандал“.





