Ивона Антова на само 21 година го загуби животот во големата трагедија во Пулс.
Требаше да биде иден моден дизајнер, се запиша на факултет во Словенија, а требаше да замине и во Хрватска на работа. Последните денови и недели од дружбата во Македонија, за жал, беа последни денови во животот на Ивона.
Нејзините познаници, другарки и другари, ја паметат Ивона како многу ведра девојка, со огромен круг на познаници и пријатели, секогаш раасположена за дружба, за помош, да биде тука кога на другите им е потребно.
Ивона е ќерка на единствената жена пожарникар во кочанското Доброволно противпожарно друштво, Стојка Иванова Антова. Беше единственото дете на нејзините родители. Стојка секој ден пишува за своето загубено чедо. Ова е едно од нејзините обраќања:
„Јас сум мајка што го изгуби своето единствено дете.
Нема поголема болка од оваа, нема подлабока рана.
Некој ја крие тагата во себе, јас пишувам –
затоа што ако молчам, ќе умрам однатре.
Не пишувам да им се допаднам на луѓето, не пишувам за лајкови,
туку за мојата Ивонче –
за да не се заборави нејзината младост,
нејзината насмевка, нејзиниот живот. 💔
Ако некој не ја разбира оваа болка –
подобро нека молчи.
Да се суди мајка што изгубила дете
е најголемиот грев.
Јас немам од што да се срамам.
Срам е да се вртиш со злоба кон нечија рана.
Моето дете беше и ќе остане моја гордост и мој животЈас сум горда мајка на ангел 🕊️.
И моето Ивонче ќе живее преку секој збор што ќе го напишам.
🕯️ Почивај во мир, љубов моја вечна.
Твојата светлина никогаш нема да згасне.“ – стои во една од објавите на Стојка.





