Од 2025 година Европската Унија воведува два нови системи за контрола на патувањата – Европскиот систем за патнички информации и овластувања (ETIAS) и Европскиот систем за влез/излез (EES). Целта е подобра контрола на границите, зголемена безбедност и поефикасно управување со миграцијата.
Новите правила за влез/излез (EES) ќе почнат да се применуваат на 12 октомври 2025 година. Европските земји што ќе го користат системот ќе го воведуваат постепено на своите надворешни граници. Тоа значи дека собирањето на податоците ќе се применува постепено на граничните премини, со целосна имплементација до 10 април 2026 година.
Европскиот систем за влез/излез (EES) ќе ја замени досегашната пракса на печати во пасош. Наместо тоа, на граничните премини ќе се собираат биометриски податоци (отпечаток од прст, фотографија) и ќе се евидентираат точните датуми на влез и излез.
За македонските државјани ова значи дека при патување во шенген-зоната повеќе нема да добиваат печат во пасош, туку сите информации ќе бидат дигитално зачувани. Системот ќе овозможи автоматска проверка дали е почитувано правилото за престој до 90 дена во период од 180 дена.
ETIAS (European Travel Information and Authorisation System) пак ќе функционира слично на американскиот ESTA. Македонските граѓани, кои патуваат без виза во шенген-зоната, ќе мора претходно онлајн да пополнат апликација и да платат мала такса (околу 7 евра).
Одобрувањето најчесто ќе се добива во рок од неколку минути, а ќе важи три години или до истек на пасошот. ETIAS не е виза, туку претходна дозвола за патување која ќе се бара при качување во авион или автобус за ЕУ.
Како ќе влијае на македонските граѓани?
За македонските државјани, кои и натаму ќе патуваат без виза, овие системи ќе значат поголема бирократија пред патување, но и поголема сигурност при престој во ЕУ.
- Ќе треба однапред да аплицираат за ETIAS и да го носат одобрението при патување.
- На границите, контролните процедури ќе бидат побрзи, но построги, бидејќи сите податоци ќе бидат дигитално следени.
- Ќе се намалат можностите за злоупотреба на престојот и нелегални работни активности.
Според ЕУ, овие системи не треба да се гледаат како ограничување, туку како модернизација која ќе обезбеди побрз проток на патници и посигурна контрола на границите.





