Денеска попладне се очекува пристигнувањето на 25 некогашни фудбалери на беглрадска Црвена Зведа во Штип, кои ќе играат ревијален натпревар со ветераните на штипска Брегалница. Натпреварот ќе ја одбележи стогодишнината од основањето на ФК Брегалница.
Во Штип се очекува да пристигнат фудбалерите кои од македонските клубови заминаа да играат за Црвена Звезда, како Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Митко Стојковски и Бошко Ѓуровски, а ќе играат и Владимир Петровиќ-Пижон, Станислав Караси, Куле Аќимовиќ, Здравко Боровница и Зоран Филиповиќ. Имаше некои најави дека ќе дојдат и Горан Пандев и Дарко Панчев, но веројатно овие двајца фудбалери нема да играат.
Во дресот на Брегалница на теренот ќе истрчаат Гордан Здравков, Гоце Алексовски, Љупчо Лазаров, Мијалче Маџунаров, Баже Петров, капитените Мите Георгиев и Кире Герасимов, како и Папаров, Милосавов, Ефтимов. Ќе играат помладите поранешни фудбалери, додека на теренот ќе се појават и Стојан и Васил Коцеви, Стојан Шумански и Борис Цеков.
Судија ќе биде Ванчо Коцев, штипјанец, кој беше меѓународен и сојузен судија и додека бил активен, судел и натпревари на Црвена Звезда.
Овој ревијален натпревар, според информациите од организацијата, ќе го следат и други активности. По доаѓањето на гостите од Црвена Звезда, за попладне е планирана прес конференција, по која ќе биде положено цвеќе на споменикот што Методи Андонов го направи во чест на Драгослав Шекуларац- Шеки, славниот фудбалер на некогаш славниот југословенски клуб, кој се родил во Штип.
На ревијалниот натпревар ќе има и формален свечен дел со доделување на признанија и благодарници, дел ќе бидат доделени постхумно на семејствата. Натпреварот е во 19 часот, а ќе се играат две полувремиња по 30 минути.
Гостите од Црвена Звезда ќе останат и утре во Штип, кога ќе присуствуваат на редовниот натпревар што ФК брегалница ќе го игра со ФК Новаци на домашен терен.
Не е првпат ваков ревијален натпревар да се игра меѓу двата клуба. На 3 јуни 2017 година во Штип во чест на Драгослав Шекуларац, беше одигран ревијален натпревар помеѓу легендите ветерани кои играле за Црвена ѕвезда и Брегалница а по откривањето на споменикот на Шекуларац.
Тогаш за Брегалница играа Коцев, Арсов, Иванов, Лазаров, Тасевски, Милосавов, Блажевски, Митев, Боров, Маџунаров, Алексовски, Тркаљинов, Томче Трајановски, Герасимов, Папаров и Маниќ. Екипата на Брегалница била предводена од Мирко Наџаков како тренер. За Црвена Звезда играа браќата Бошко и Милко Ѓуровски, Драги Канатларовски, Митко Стојковски, Илија Најдоски, Ѓоре Јовановски, Жарко Серафимовски, а дополнети и со Рајковиќ, Милош Шестиќ, Караси, Арсениевиќ, Ачимовиќ, Стојановиќ, Живковиќ, Јефтовиќ. Станислав Караси бил капитенот на Црвена ѕвезда, а екипата била предводена од самиот Драгослав Шекуларац како тренер, додека судија беше Ванчо Коцев, со помошниците Мијалче Михајлов и Саше Иванов. Натпреварот заврши без победник, со резултат 5-5.
Стрелци на головите за Брегалница беа Маџунаров, Пане Блажевски, Томче Трајановски, Ѓорги Тркалинов и Тоде Митев, додека за Црвена Звезда Милко Ѓуровски и Дејан Стојановиќ по два гола, а еден гол постигна Жарко Серафимовски.
фото: Екипа





