Томче Стојанов на само 21 година го загуби животот во катастрофалниот пожар во дискотеката Пулс. Младото и скромно момче беше почитувано и ценето во Кочани. Повеќето луѓе го знаат како „едно од децата“ кои работеа на популарна бензинска пумпа во градот.
На 2-ри септември требаше да наполни 22 години. Неговата мајка, Васка Стојанова, на социјалните мрежи напиша порака:
„Томче наш најмил,
Денес е твојот роденден, требаше да наполниш 22 години, а ти сине не си покрај нас 😢 Наместо прегратка, ние ти испраќаме бескрајна љубов што никогаш нема крај. Ти не беше само нашиот син единец – ти беше наш пријател, нашата потпора, дел од нашата душа.
Со тебе делевме радости и таги, а ти секогаш нè разбираше и без зборови. Твојата насмевка сè уште одекнува во нашите мисли, а твојот спокоен поглед никогаш нема да избледи од нашите срца.
Деновите без тебе се празни и тешки, но веруваме дека од небото нè гледаш и нè чуваш. Те сакаме безмерно, синко наш. Недостигаш во секој миг, а спомените за тебе се нашето најголемо богатство и сила.
Среќен роденден сине, ангелу наш 🕊️💔
Прослави го на небото со останатите ангели, со насмевка каква што само ти знаеше да имаш 👼“ – стои во објавата на мајката на Томче.






