Генералното собрание на Обединетите нации со огромно мнозинство усвои декларација во која се наведуваат „опипливи, временски ограничени и неповратни чекори“ кон решение за две држави меѓу Израел и Палестинците, без учество на палестинското милитантно движење Хамас, пренесува Ројтерс.
За декларацијата која бара „војната веднаш да заврши“ 142 земји гласаа за декларацијата, десет беа против, додека 12 земји се воздржаа, меѓу кои беше и Македонија, која заедно со Албанија беа единствените две земји од регионот кои гласаа воздржано. За декларацијата гласаа Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и сите останати земји во соседството.
Гласањето се одржа пред состанокот на светските лидери на 22 септември на маргините на Генералното собрание на ОН на високо ниво, каде што се очекува Велика Британија, Франција, Канада, Австралија и Белгија формално да ја признаат палестинската држава.
Декларацијата усвоена од Генералното собрание, кое брои 193 члена, ги осудува нападите врз Израел од 7 октомври 2023 година од страна на палестинските милитанти Хамас, кои ја предизвикаа војната во Газа. Исто така, се осудуваат нападите на Израел врз цивилите и цивилната инфраструктура во Газа, опсадата и гладот, „што резултираа со катастрофална хуманитарна катастрофа и криза на заштита“.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро рече дека резолуцијата обезбедува меѓународна изолација на Хамас.
„За прв пат денес, Обединетите нации усвоија текст со кој се осудува (Хамас) за неговите злосторства и се повикува на предавање и разоружување“, рече Баро во објава на Платформа X.
Израел и САД, Аргентина, Унгарија, Микронезија, Науру, Палау, Папуа Нова Гвинеја, Парагвај и Тонга гласаа против необврзувачката резолуција.
Во декларацијата се наведува дека војната во Газа „мора веднаш да заврши“ и се поддржува распоредувањето на привремена меѓународна мисија со мандат од Советот за безбедност на ОН.
„Во контекст на завршување на војната во Газа, Хамас мора да го заврши своето владеење во Газа и да го предаде своето оружје на Палестинската самоуправа, со меѓународен ангажман и поддршка, во согласност со целта за суверена и независна палестинска држава “, се наведува во декларацијата.
Американските претставници рекоа дека гласањето за резолуцијата е „уште еден погрешен и ненавремен маркетиншки трик“ што ги поткопа сериозните дипломатски напори за прекин на конфликтот во Газа.
„Немојте да се лажете, оваа резолуција е подарок за Хамас. Далеку од тоа да промовира мир, конференцијата веќе ја продолжи војната, го охрабри Хамас и ги оштети изгледите за мир и на краток и на долг рок“, изјави американскиот дипломат Морган Ортагус пред Генералното собрание.
Израел, кој долго време ја критикуваше ОН за тоа што не го осуди Хамас за нападите од 7 октомври, ја отфрли декларацијата како еднострана.
„Единствениот што има корист е Хамас… Кога терористите викаат, вие не промовирате мир, туку терор“, рече амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон.
Гласањето доаѓа пред претстојниот самит на ОН, копретседател на Ријад и Париз, на 22 септември во Њујорк, на кој францускиот претседател Емануел Макрон вети дека формално ќе ја признае палестинската држава.
Во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, според израелските податоци, убиени се 1.200 луѓе, претежно цивили, а 251 лице биле земени како заложници.
Според палестинските здравствени власти, повеќе од 64.000 луѓе, претежно цивили, се убиени за време на војната во Газа.







