Несвестица и срце: Кардиолог открива пет важни предупредувања

Многумина слушнале дека при несвестица треба да се седи со главата меѓу колената – но дали тоа навистина помага? И уште поважно, како да препознаете кога е неопходно да се побара итна медицинска помош или дури консултација со кардиолог?

Д-р Елајџа Р. Бер, кардиолог во клиниката Мајо во Лондон, објаснува пет клучни работи што треба да ги знаете за несвестицата.

Што е несвестица?

Несвестицата, или синкопа, претставува привремено губење на свеста поради недоволен проток на крв во мозокот.

Видови несвестица

  • Вазовагална синкопа – најчеста и најбезопасна форма. Се јавува при стрес, болка, дехидратација или низок крвен притисок. Во такви ситуации срцето не забрзува, туку забавува, што доведува до пад на притисокот и губење на свест. Обично трае кратко и завршува со опоравување.
  • Срцева синкопа – предизвикана од срцеви заболувања, како аритмии или нарушен ритам. Оваа форма е поопасна бидејќи може да сигнализира сериозен проблем, особено кај постари лица или кај млади со наследни срцеви болести.

Предупредувачки знаци

Пред несвестица може да почувствувате:

  • вртоглавица,
  • мачнина,
  • зуење во ушите,
  • заматен или „тунелски“ вид,
  • потење и чувство на слабост.

Кај некои луѓе симптомите се јавуваат половина час пред колапсот, кај други само неколку секунди.

Што да направите при несвестица?

  • Проверете дали лицето дише и има пулс – ако не, веднаш повикајте Брза помош и започнете со реанимација.
  • Ако дише, поставете го во безбеден лежечки положај и повикајте помош.
  • Ако чувствувате дека ќе се онесвестите, седнете или легнете, спуштете ја главата под нивото на срцето или кренете ги нозете.
  • По опоравување – одморете, испијте вода или пијалок со електролити.
  • Никогаш не станувајте веднаш и не шетајте – тоа може да предизвика дополнителен пад на притисокот и повреда.

Кога да побарате лекар?

  • По првата појава на несвестица – секогаш е добро да се консултира лекар.
  • Ако несвестицата се повторува, е придружена со срцеви палпитации или се случува за време на физичка активност.
  • Ако има повреди при пад или несвестицата е ненадејна и без предупредување.

Кардиологот додава дека кај луѓето со низок притисок често помага поголем внес на течности и малку сол во исхраната, но кај потешки случаи потребни се лекови.

Понекогаш несвестицата може да личи на епилептичен напад, па затоа е важна консултација и со невролог. Кај оние што реагираат на поглед кон крв, когнитивно-бихејвиоралната терапија може да помогне да се надмине проблемот.

Фото: Shutterstock

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ