Денеска навршуваат шест месеци од најголемата трагедија во поновата македонска историја. На 16-ти март во дискотеката Пулс во Кочани на концерт на бендот ДНК се случи голем пожар. Пиротехничкиот перформанс на ДНК го запали плафонот над бината, по што пожарот започна бргу да се шири. За неколку минути настанало стампедо кон единствениот излез. Десетици луѓе останале заглавени во тесниот простор и голем дел од нив започнале да се гушат од густиот чад. Распламтениот оган на плафонот започнал да одвојува парчиња од таванот, кои паѓале врз луѓето.
Дел од оние кои успеале да излезат започнале да се враќаат до влезот кај стампедото за да им помогнат на заглавените. Дваесетина минути подоцна во кочанската Општа болница, во која ноќта имало меѓу 20 и 30 дежурни медицински лица, пристигнуваат над илјада луѓе. Над 200 од нив се со изгореници по телото. Над 50 лица се донесени во безсознание и без знаци на живот. Дел од нив умираат на пат кон болницата. Завладеал тотален хаос. Очевидци велат дека ходниците на болницата пред итната медицинска помош и на приемната амбуланта биле преполни со легнати тела. Дел од нив живи, дел починати.
Македонија утрото по пожарот се соочи со уште една колективна траума.
Во чест на загинатите низ државава денеска ќе се случат серија настани.
Во Кочани со почеток од 15:35 ќе започне „Маршот за ангелите“, кој ќе стартува од Паркот на Револуцијата. Вечерва на истата локација во 20:00 часот ќе има комеморативен настан на отворено со пуштање на балони во чест на загинатите.
Во Штип, пак, во 20:00 часот на Градскиот плоштад „Слобода“ ќе се одржи настанот „Штип не заборава“, на кој ќе се направи ѕвездено небо во спомен на жртвите од Пулс.
Во Скопје на плоштадот „Македонија“, со почеток од 20:00 часот, иницијативата „Кој е следен?“ организира протест, на кој веќе најавија присуство и студентите од Студентско пленумско движење.






