Сè уште не е извесно дали традиционалната манифестација „Самун ем татлија“ ќе се одржи годинава во Радовиш. Настанот кој е белег на градот и привлекува голем број посетители од целата држава, се најде во фокусот на јавноста поради политичките околности и временските ограничувања поврзани со локалните избори.
Канал77 разговараше со тројцата кандидати за градоначалници за тоа што тие мислат за одржување на манифестацијата годинава.
Најголем оптимист дека истата ќе се одржи е кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Љупче Почивалец кој најави дека манифестацијата „Самун ем татлија“ би можела да се одржи во текот на ноември, веднаш по завршувањето на изборниот процес и конституирањето на новиот општински совет.
„Со завршувањето на изборниот циклус на 19 октомври, конститутивната седница може да се одржи на почетокот на ноември. На таа седница директно ќе биде ставена точката за ребаланс на буџетот, а во програмата ќе предвидиме износ од 500 илјади до максимум еден милион денари за реализација на манифестацијата,“ изјави Почивалец.
Тој појасни дека веднаш по усвојувањето на ребалансот ќе биде објавен јавен повик за избор на организатор, кој ќе трае три дена.
„Околу 6 ноември би можеле да го имаме избраниот изведувач, па ако не успееме да ја започнеме манифестацијата на 7 ноември, таа би се одржала следниот викенд – во средината на месецот,“ додаде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на локацијата, Почивалец истакна дека најверојатно ќе остане истата – на местото каде што привремено се наоѓа градскиот пазар.
„Јас лично сметам дека треба да се врати во центарот, но имаме барања од угостителите кои инсистираат да остане на постојната локација, бидејќи им е полесно за организација, дистрибуција на храна и пијалаци,“ објасни тој.
Почивалец порача дека доколку ја добие довербата на граѓаните, општината ќе стори сè што е потребно „Самун ем татлија“ да се одржи и годинава, со цел да се зачува традицијата која е симбол на Радовиш.
За разлика од Почивалец, поинаку сметаат другите двајца кандидати.
Независниот кандидат за градоначалник на Радовиш, Страхил Гавритов истакна дека таа може да се реализира и годинава, но само доколку се исполнат сите законски предуслови.
Гавритов детално ги објасни потребните чекори за повторно организирање на манифестацијата, нагласувајќи дека процесот зависи од повеќе административни и буџетски фактори.
„Прво, мора да се конституира новиот Совет на Општина Радовиш и да се избере градоначалник. Потоа, новоизбраниот градоначалник треба да предложи измена на Програмата за култура за 2025 година. Доколку таа измена биде усвоена, следува седница на која ќе треба да се обезбедат буџетски средства,“ објасни Гавритов.
Тој потенцира дека финансирањето може да се обезбеди на два начина – преку пренамена на средства во рамките на постоечка програма или преку ребаланс на буџетот, но посочи дека „фантазија е да се прави ребаланс само за една ставка“, бидејќи тоа не би било дозволено од трезорот.
Според него, најважно е претходно да се прогласат конечните резултати од Државната изборна комисија, по што може да се разгледуваат можностите за буџетско обезбедување средства за манифестацијата.
„Постапката мора да биде целосно транспарентна – преку јавен повик или јавна набавка со јасно дефинирани услови и рокови,“ додаде Гавритов, нагласувајќи дека ваквите постапки бараат време и почитување на законски утврдени рокови за објава, жалба и донесување одлука.
Гавритов предупреди и на можни манипулации околу оваа тема.
„Секој што ќе ви каже нешто поинакво – или нема основни познавања за работата на општината и буџетот, или сака да манипулира со популизам за една манифестација која е белег на Радовиш.“
Тој потсети дека измената на Програмата за култура била направена во јуни 2025 година, како дел од првиот ребаланс на буџетот – во период кога кочанската трагедија сè уште била свежа.
„Зошто тогаш никој не го актуелизираше ова прашање, оставам јавноста сама да пресуди,“ заклучи Гавритов.
Според кандидатот за градоначалник на Општина Радовиш од редовите на СДСМ, Ристо Спасов, манифестацијата „Самун ем татлија“ е под голем прашалник, бидејќи процедурите и роковите не дозволуваат брза реализација.
„Има временски период кој мора да биде предвиден, плус, прашање е и какви ќе бидат временските услови,“ изјави Спасов, додавајќи дека конституирањето на новиот совет и завршувањето на административните постапки ќе траат до декември.
Тој потенцираше дека, иако постои можност манифестацијата да се реализира преку донации, нешто што тој лично би го спровел, сепак реалноста е дека организирање на оваа манифестација годинава тешко ќе се случи.
„Ако евентуално би се одржала, тоа би било во декември,“ изјави кандидатот на СДСМ, кој смета дека грешката била направена многу порано.
„Навремено требало да се реагира. Мнозинството во советот едноставно одбило организирање на манифестацијата годинава, иако советниците на СДСМ не се согласиле со таквата одлука,“ објасни Спасов.
Тој додаде дека сега, кога општината е во изборен процес, одредени структури се обидуваат да ја префрлат одговорноста.
„Во ситуација кога има избори, се правдаат дека нешто ќе направат, бидејќи имаше реакции од граѓаните. Ако имало волја, ќе имавме и манифестација,“ порача Спасов.
Кристијан Трајчов





