Со повеќе прострелни рани завршил З.Ш.(43) од селото Слупчане, општина Липково, кандидат за советник од ДУИ, во кого пукале две лица додека бил во своето возило. Пукањето се случило во центарот за Куманово, по што повредениот бил пренесен во болница на пружање помош. По пукањето, на местото на настанот имаше вооружени полицајци и истражни тимови. СВР Куманово го потврди случајот:
„Денеска (07.10.2025) во 13.54 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од ул.„Димитрије Туцовиќ“ со ул.„11 Октомври“ во Куманово, две лица лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило „фолксваген голф “, управувано од З.Ш.(43) од с.Слупчане, општина Липково, кој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово за укажување помош. Полициски службеници излегоа на местото и се работи на расчистување на случајот, соопшти СВР Куманово.

Неофицијално, како што дознаваме, мотивот за пукањето не политиката, туку нарушени семејни односи.
Јавното обвинителство соопшти дека двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство – Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија.
„Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“ соопшти ЈОРМ.
Во текот на оваа изборна кампања за Локалните избори, веќе е регистриран случај на пресметка со политички мотиви, во која со потешки повреди заврши кандидат од своетничка листа во Виница. Повредениот е во сериозна здравствена состојба.
В.К.
Фотографии: Радио Бум/Кумановски муабети






