Александар Петров е името на еден од загинатите во катастрофалниот пожар во дискотеката Пулс од Облешево.
Малото Облешево, седиште на општината Чешиново – Облешево се наоѓа на само 8 километри од Кочани. Местото со околу 900 жители загуби седум свои жители, од кои шестмина се погребани во Алејата на ангелите во Облешево.
За Александар неговите блиски велат дека бил неверојатен млад човек:
„Тој беше пријател со секого- ведар, насмеан и секогаш спремен да помогне. Сите го опишуваат како искрен човек, добар слушател, шегаџија и некој што секогаш е тука кога е потребен. Аце беше човек кој го сакаше живот и знаеше како најдобро да живее“ – вели за Канал 77 една од неговите другарки.
Роден 1999, Александар дипломираше на Факултетот за туризам и бизнис логистика, а беше студент на постдипломски студии на штипскиот универзитет. Беше крводарител со едноставна мисла – да спаси нечиј живот.
„Беше брат и син како што секој би посакал. Семејството му беше приоритет. Со огромна амбиција и посветеност се стремеше кон остварување на неговите соништа. Се што ќе наумеше го правеше најдобро што може. Патувањето беше негова страст. Посетувањето на нови локации го исполнуваше. Љубител на добрата музика, дружби и забави, тој знаеше како секој момент да го направи незаборавен. Празнината која тој ја остави, заедно со останатите ангели е преголема. Неговиот живот заврши трагично таа ноќ, но тој остави трага во животите на сите што имаа среќа да го познаваат.“ – се сеќаваат пријателите на младото момче кое исполни една мисија од својот живот – остави позитивна трага врз животите на сите кои го сакаа и познаваа, за тоа како се сака животот, семејството и како е да се биде човек во вистинската смисла на зборот.





