Смрт од тага или Синдром на скршено срце – вака се опишуваше смртта на Иле Гоцевски, возачот на возило на итната медицинска помош во Кочани, кој по 20-часовната смена и повеќе тури до скопските клиники на тешко повредени од пожарот во Пулс, легна да одмори и почина во сон.
Возачите во кочанската итна медицинска помош работат во 12-часовни смени, кои започнуваат од 07:00 наутро до 19:00 навечер и од 19:00 навечер до 07:00 наутро.
Пожарот во Пулс се случи нешто после 02:30 утрото, кога персоналот на итната медицинска помош веќе бил седум и пол часа на работа. До раните утрински часови болницата го мобилизира целиот персонал, но никој не си заминува додека не се надмине големата криза која настана утрото со големиот број на жртви, повредени и нивните семејства кои доживуваа медицински кризи во целиот траор и шок.
Во јавноста се шират различни бројки на тоа колку пати Иле заминал за Скопје и се вратил назад во Кочани, а варираат од 10 до 18 пати.
Иле, како и повеќето колеги од болницата, бил емоционално тешко погоден од настанот и огромниот број починати и тешко повредени млади луѓе.
Откако се мобилизираше цела држава и поголемиот број повредени беа транспортирани од Кочани во Штип, Скопје, а од таму и кон европските земји, Иле заминал дома да отспие 2 часа и потоа планирал повторно да се врати во болницата.
Почина во сон дента на 17 март, нецели 12 часа од трагедијата во Пулс.
Херојството на Иле бргу по несреќата беше заборавено, па тој најчесто не е ниту бројан како смрт поврзана со трагедијата во Пулс.
Неговиот колега Стефан Бурназов, се сеќава на кобната вечер:
„На раце ми останаа телата на безброј деца и млади, меѓу кои и двајца мои најдобри другари. Помагавме неуморно и без престан. Болката, траумата и сликата ќе ми останат врежани додека чука и моето срце“ – напиша Стефан.
Тој непосредно по несреќата му се обрати на министерот за здравство:
„Во неколку наврати сме понижувани од повисокиот медицински персонал, од роднините на пациентите, третирани сме како дно под дното, газени и газени како да не постоиме. Ние работиме сè: кога е потребен доктор – доктори сме, кога е потребен медицински техничар, и тоа сме, кога е потребен болничар, и тоа сме… Знаеш ли дека ние сме сè, а всушност сме ништо! Одговорноста при транспорт на пациентот, докторот и сестрата е наша! Одговорност имаме за сè, плата имаме – ништо! Најмала плата, најмал бенифециран стаж! Кога се покачува платата во здравство, ние сме административно-технички персонал! Во очите на другите ние сме никој и ништо! Не очекувам да се смени нешто, но луѓето треба да сфатат дека полицаецот, докторот и сестрата не се ништо повеќе од нас! Почина колега кому треба споменик да му се направи. За мене, тој не беше само колега , тој е херој!“ – напиша Бурназов.
Тогашниот министер за здравство, Арбен Таравари, му одговори на Бурназов:
„За мене, тој не беше само возач, туку спасител, човек што стави други животи пред својот сопствен. Неговата жртва нема да биде заборавена, а неговото име треба да остане врежано како симбол на човечност и пожртвуваност“- напиша тогаш Таравари.
Иле Гоцевски беше единствениот здравствен работник кој почина од директни последници од трагедијата.





