Основниот суд во Битола не го прифати предлогот на ОЈО Битола за определување мерка притвор за двајцата осомничени и наместо тоа определи мерка куќен притвор, информираат од ОЈО.
– Надлежниот јавен обвинител не се согласува со ваквата одлука, особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот има и значителен имот во друга држава. Од тие причини обвинителството ќе вложи жалба на одлуката на Судот и ќе бара мерка ефективен притвор, велат од ОЈО.
Од ОЈО денес информираа дека Основното јавно обвинителство Битола донело Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола. во износ од 1,2 милиони евра. За сопствениникот на компанијата „Марковски компанија“ – Борче Марковски и за еден раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола, се бара притвор. За останатите шест лица, Обвинителството предлага изрекување мерки на претпазливост.
Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент.






