„Таткото не е само татко, туку и најдобар другар“ – со оваа порака Владимир Блажев, познат во јавноста како Панчо ДНК ја објави заедничката фотографија со неговите два сина, Андреја (14) и Марјан (10), долго време пред трагедијата.
Јавноста изминативе два дена е вознемирена по веста дека катастрофалниот пожар во дискотеката Пулс ја зеде и својата 64-та жртва. Панчо се бореше седум месеци, најпрво во Клиничкиот центар, а потоа во приватна болница, но, за жал, ја загуби најважната битка – за животот.
- Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета. Нема зборови за утеха за твоите два ангела Марјан и Андреја и за твојата Маја. Нема зборови што можат да ги запрат солзите на нашите доктори, сестри, болничари кои беа 24 часа со тебе. Целата болница, заедно со тебе и твоето семејство се боревме и верувавме – напишаа од приватната болница во која се лекуваше Панчо.
За загубата на Панчо проговори и неговиот близок пријател Таско:
- Ми беше еден од ретките луѓе кои не бев сродство по крв, но го чувствував како роден брат. Секогаш знаеше да ме дигнеш кога ќе паднам, беше тука за мене во најтешките и најсреќните моменти од мојот живот, знаеше да ме вратиш назад во живот како никој друг… Стари мој, што и да пишам за тебе е малце, ваква величина како тебе има само датум на раѓање, и еден цел живот е малце за благодарноста која што ја чувствувам секој ден од кога те запознав. Никогаш нема да те заборавам, и ветувам ќе ја носам љубовта во мене како што само ти ме учеше. Фала ти за се, и се гледаме на друго место. Почивај во мир, ќе ми фалиш…“ – вели Таско.
Бројни јавни личности напишаа пораки и објави овие два дена откако се рашири лошата вест.
Инаку, Панчо и Андреј го формираа дуото ДНК во 2001 година со нивниот прв сингл „Девојка за везден“. Последните години прераснаа во најпознатиот македонски поп бенд, со бројни настапи во државата и надвор од неа. Нивниот последен концерт го одржаа во дискотеката Пулс во Кочани, ноќта помеѓу 15-ти и 16-ти март.
Нешто после 02:35 во дискотеката изби пожар, кој однесе 59 животи, 147 лица беа тешко повредени, а вкупно 211 лица беа повредени. Следниот ден по несреќата почина 41-годишниот возач на итната медицинска помош од умор и стрес, а во деновите потоа починаа уште 3 повредени лица. Панчо е 64-та жртва на трагедијата.





