По 37 години на сцената на „Макфест“ повторно беше исполнета незаборавната „Признавам’, што ја отпеаја Маријана и Росана, но овој пат препеана само од Росана.
Колку оваа песна е навлезена длабоко во срцата се виде на сцената, кога заедно со Росана пееше публиката. Аплаузи, овации и солзи. Оваа песна не само што ја расплака Росана, туку и публиката, а таа на крај побара еден голем плауз и за Маријана, која живее во Австралија.

Росана не можеше да ги смири емоциите и по завршување на настапот, продолжи да ги брише солзите измешани со длабоки емоции.
-Се чувствувам и тажно и убаво. Полно со некоја сета. Многу длабоко во себе ми недостасува Маријана. И после толку години нема случуваање, а да не се побараат да се отпее „Признавам“. Со Маријана настапивме неколку пати, ја отпеавме и фантстичната „Ако не исчезнам“ од Тоде Новачевски, потоа на „Макфест“ ја отпеав сама песната „Жена“ и неколку други. Многу убави спомени носам од „Макфест“ и велам му благодарам на Бога еве после 40 години тука сме на истата сцена живи и здрави и да се потсетиме на она убаво време полно со емоции и со многу поиздржани песни. Но, времето си го прави своето и светот останува на младите.
Зошто те нема веќе по фестивалите?

-Се повлеков малку, можеби затоа што… Не знам како би се искажала… Мислам дека најлесен одговор е- се изморив. Настапувам од време на време, некогаш заедно со Дац и Александар и секаде каде ќе ме поканат и каде што јас ќе сакам и ќе можам. Имам настапи, но не сум току присатна како порано. Но, по медиумите ме нема затоа што се изморив и од шминка, од се она што го бара сцената.
Веројатно не се измори од нова песна?
-Не ама во денешно време да снимиш нова песна некако може само да се испромовира на социјалните мрежи. Многу малку фестивали има и никого да не навредам, но има фестивали на кои мислам дека мене местото не ми е таму. Пеам еден друг жанр на музика, не пеам нешто што денес го сакаат младите. Не знам, ќе видам, можеби ќе дојде ненадејно некоја песна.
Кога веќе сме кај годините, можеби причина е тоа што си баба на две внучиња ти го зема времето, што е прекрасно?
-Да, ми го земаа времето и на мене и на дедо. Но, тоа е прекрасно чувство и живееме за нив. За жал веќе не живеат во Македонија, се преселија во Англија и сега веќе се гледаме на камера. Во моментов ни дојдоа на гости, па можеби за Нова Година или Божоќ пак ќе ни дојдат. Па и ние ќе отидеме таму. Само знам дека е тешко, особено на мене бидејќи некако цел живот само дочекувам и испраќам на аеродром. Тоа навистина е многу тажно, тешко ми е на душата, но не сакам да зборувам бидејќи солзите сами ми течат.

И вие сте како половина семејства од Македонија, каде родителите останаа сами?
-За жал тоа е вистината. Ние ниту сакаме, ниту можеме, ниту, пак, се мешаме. Како на нив им е убво така и на нас ќе ни биде убаво, само тагата што не се тука си го прави своето. Секој роденден, Божиќ, Нова Година, Велигден, Бадник сакаш да си со семејството. Како ќе биде понатаму не знам, дали ние таму или тие овде.. не знам. Среќа што Лондон е три часа со авион не е како Австралија. Тешко е, но ќе се адаптирме како знаеме и умееме. Летото заминаа ама убаво не изненадија што сега дојдоа, само на седум дена ама многу се вредни тие денови. Сега сме баба, дедо и куче. Иако и нашата Лејди е веќе баба, наполни 13 години и некако се крепиме сите троица.
Полна куќа пензионери..
– Да, за жал, дома останавме само пензионери. Уште Лејди да ја пријвиме некаде и таа да зема пензија и таман ќе сме сите… Хахахах…
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски


