На 11 месеци затвор е осуден Авни Абгулиј за кривичното дело насилство од член 386 став 4 од Кривичниот закон поради тоа што на 24 август, за време на натпреварот меѓу пионерските екипи од генерацијата 2009‑2010 на ФК „Брегалница“ и ФК „Шкупи“, одигран на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, се случи сериозен инцидент – сега осудениот Абгулиј, татко на млад фудбалер на „Шкупи“ физички нападна двајца 15-годишни играчи на Брегалница и им нанесе телесни повреди.
Канал 77 на 21 октомври објави изјава од заштитен извор познат на редакцијата, во која изворот тврди дека двајца од вкупно петмина сведоци ги промениле своите изјави дека Авни Абгулиј не ги нападнал децата и дека тоа го сториле за сума од илјада евра.
По протекувањето на шпекулациите дека двајцата сведоци ги промениле изјавите пред судот, со изјава за регионална штипска телевизија излезе Трајче Сенев од ФК „Брегалница“, кој обзнани дека тој е еден од двајцата сведоци за кои се зборува, но јавно ги демантираше наводите за поткуп.
Изрекувањето на пресудата не беше во присуство на медиумите, поради што јавноста не успеа да дознае дали двете сведочења на луѓе од Штип навистина се променети во прилог на обвинетиот, како што се шпекулираше и колку влијаеле во конечниот исход во одредувањето на висината на казната од страна на судот.





