Бранителот на Митко Стојанов и Стојанчо Димитриев, Благој Јованов во судењето за случајот „Пулс“, го обвини ОЈО дека наместо докази користи „ефект на пеперутка“.
„Нема толку живот во Кочани за да го истрпиме овој ужас, нема толку солзи да ги исплачеме овие невини души, во последниот период се изнагледавме како сите покажуваат кон системот како некоја лепрозна баба којашто треба преку ноќ да се претвори во самовила, но додека прстот не го свртиме кон нас се ќе биде залудно. Се изнаслушавме и изнагледавме гласноговорници за правда, за право, за закони, кои гледаат се само не си ги гледаат сопствените крвави раце. На сите рацете ни се крвави, моите се крвави затоа што молчев предолго за да не бидам исфрлен од судко-адвокатско-обвинителскиот клуб во којшто работите се прават отприлика добро и само понекогаш правилно.“ изјави Јованов.
„ЈО ни понуди теорија на случај во којшто доколку ја искористиме нивната аналогија на размислување и нивното правно резонирање со право ќе се запрашате каде беа 2012 година, зошто не гонеа за злоупотреба на службена положба, за несовесно работење на службата. Тоа е единствен самостоен орган кој гони сторители на кривични дела, врши истраги и постапува по допрен глас и според нивното резонирање доколку гонеле во 2012 можеби пожарот немало да се случи. Доколку истражиле фалсификувана исправа, можеби клубот немало да постои. Таквото размислување надвор од принципот на причинско-последична врска е правно неиздржано.“ – додава адвокатот.
Извор: Инфомакс
Најновите информации за судењето во Пулс можете да ги следите овде.




