Вчера во националниот парк Пелистер се одржа годишното одбележување на Светскиот ден на планините во организација на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Традиционално на овој настан се оддаваат признанија на најдобрите и најуспешните планинари, а најтрогателниот момент од настанот беше кога постхумно признание за посебен придонес во афирмација на планинарството кај младите доби Ивона Антова, млада планинарка од Кочани, која трагично загина во пожарот во дискотеката Пулс.
Признанието го примија нејзините родители, Тоше и Стојка, кои присуствуваа на настанот и беа трогнати од одлуката на федерацијата.

„Тука во наградените беше и нашето Ивонче, и кога го изговорија нејзиното име,срцето ми се скрши, светот за нас за миг застана. Срцето ми се кинеше, телото ми се тресеше, а душата ми викаше. Едвај се воздржав да не извикам на глас кога ја слушнав: „Ивона!“. Име што боли, а истовремено грее. Име што значи гордост, љубов и бескрајна празнина.“ – изјави нејзиниот татко, Тоше.

Тошо Антов е еден од поуспешните планинари во државата, кој ги има искачено повеќето највисоки врвови во Европа и на Балканот.
„Ивона беше повеќе од планинар. Таа беше светлина за младите, сила што ги туркаше напред кога ќе се умореа, рака што ги држеше кога се плашеа, глас што им шепотеше „можеш“. Таа не ги водеше само по патеките – ги учеше како да веруваат во себе.
Сонувавме заедно да го искачиме Мон Блан. Да стигнеме до врвот, да се погледнеме со солзи во очите и да се прегрнеме, како што го правевме на секој освоен врв. Таа прегратка остана недостижна… и токму таа најмногу боли.“ – вели Тошо Антов.

На настанот присуствуваше и мајката на Ивона, Стојка Иванова Антова, која покрај планинарењето, луѓето ја препознаваат и како единствената жена пожарникар во Кочани.
„Ивона не беше физички со нас да го прими признанието, но нејзиното присуство се чувствуваше во секој здив. Таа нè гледа од царството небесно, од врвовите што ги искачи со срце, од местото каде што нема болка – само гордост. Ивона не замина. Таа се искачи таму каде што ние сè уште не можеме. И ќе ја носиме во секој чекор нагоре, додека повторно не се прегрнеме – на највисокиот врв.“ – напишаа Тоше и Стојка за својата Ивона.





