(Видео) „Тато, те сакаме и те гушкаме“: Солзи, емоција и еуфоричен аплауз на концертот на Миле Кузмановски

Емоции, љубов, песна и солзи. Таков беше јубилејниот концерт на Миле Кузмановски, кој се одржа вчера вечерта во НОБ, а со кој прослави 35 години кариера и 54.роденден.

Миле отпеа голем број негови песни создавани низ годините, а која од која хит, што ја предизвика публиката после секој настап, но и додека пееше да го наградува со аплауз, а во некои од песните да прави и ѕвездено небо.

Но, покрај него вечерта  беше и неговото семејство, кои му дадоа поддршка од публика, а најубави желби му посакаа со пораки на видео бим. „Роса“ продукција, пак, која го организираше концертот му подари роденденска торта.

А со пораките го совладаа емоции и заплака.

-Прво сакам да ти го честитам роденденот, да ни бидеш жив и здрав, да ни бидеш среќен и да уживаш во животот. Многу сум ти благодарна на тоа што си мојата сила и поддршка и мојот ветер во грб. Ти си човек кој е привилегија да се познава и да се има во својот живот, а особено е привилегија да се има таков човек за татко. Сега сакам да ти ги честитам 35 години кариера, многу години , години исполенти со многу работа, труд, емоции, предизвици, посветеност и издржливост. Горда сум на тебе и те сакам, рече ќерка му Ана.

Емотивно видео си најубави пораки испрати и другата ќерка.

-Пред се низ целиот живот си бил тука за твоите најблиски. Си бил тука како човек, како син, како татко, како брат, како другар и како сопруг. Апсолутно секоја меморија, особено од детството ми е поврзана со тебе и во ниеден момент не сакам да биде поразлично. И ти си задолжен за тоа каков човек сум јас денес. Мене не ми преостанува ништо друго освен да бидам горда дека баш ти си мојот татко. Ти посакувам  најсреќен роденден, да ти се исполни секоја желба. Буквално ти посакувам што би си посакала сама на себе. Особено ти посакувам да уживаш во денешниот ден, бидејќи имаш два повода за славење. А ние секогаш ќе бидеме тука до тебе да те поддржиме и да те сакаме. Те гушкам, рече другата ќерка Јана, една од близначките.

На крајот се обрати и сопругата и најмалата ќерка Ева и ги собра симпатиите.

-Помешај малку среќа и малку тага, ете како твојата песна, таков е и нашиот живот-ред солзи, ред љубов, ред среќа. Но, убав е, вака или онака поминаа 12 години. Се сеќавам пред 11 години кога ја имавме истата еуфорија кога го подготвувавме твојот претпоследен концерт. Денес верувам дека ќе бидеш оној кој навистина си, затоа што единствено кога пееш си само ти. Јас ти посакувам многу среќа, многу радости и многу љубов да доживуваш понатаму со нас. Да не чуваш а ние уште повеќе да те чувме. Благодарана сум ти за се што правиш за нас, а најмногу сум ти благодарна за нашата најголема љубов, тоа е нашата Ева, рече сопругата, а кон честитките се придружи и малата Ева, која рече:

-Здраво тато. Среќен роденден. Многу те сакам и ти посакувам да имаш многу убав роденден и многу убав концерт. Те сакам и те гушкам, рече Ева и не смо што ги насмеа сите, туку ги собра и сите симпатии од публиката.

Миле по концертот се уште ги собира емоциите кои вчера му ја наполнија душата.

-Се чувствувам убаво после стресот. Пресреќен сум. Реакциите се прекрасни. Ми велат- различен звук, голем оркестар на бина со фолкер, сето тоа е убаво. А јас? Јас се расплакав, децава ме погодија со пораките, а и пораките од другарите. Што да кажам за семејството освен дека ги сакам најмногу на свет, ме разнежнија, ни рече Миле.

Тој досега има снимено над 130 песни, но на концертот беа одбрани само дел како  „Не кани ме“, „Крал без круна“, „Се што побарав од тебе Господе“ и многу други. А концертот почна со „Роман“ песна посветена на неговата почината сопруга Верче.

Концертот го збогатија Битолскиот камерен оркестар, кои го придружуваа, но и неговите гости  Сузе Спасовска, Спасен Силјановски и Бојана Скендеровски. Сузе испеа песна од Јонче, Бојана од Пепи Бафтировски, додека спасен неговата „Мајка“. За крај сите заедно, а го повикаа и Огнен Здравковски од публика, и ја испеаја песнтаа од Војо Стојановски- „Една лулка“.

-Сакав така, да се потсетиме на луге кои се зслужни за македонската фолк музика и да покажеме дека музиката не почнаа од нас, рече Миле.

А колку и беше убаво на публиката и колку го почитува покажа не само со големите и еуфорични аплаузи туку и тоа што го врати на бис, каде уште еднаш ја испеа „Не кани ме“.

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ