Велат не нема ама еве сме! Еве сме во „Борис Трајковски“ на концерт на Влатко Миладиноски, со срце и душа полни македонштина. Со љубов за Вардар, Егеј и Пирин, за Македонија. Оти нема друга! Една е Македонија!

Капа долу за Влатко Миладиноски! Покажа дека традицијата не смее да се заборави, дека песната може да се слуша со срце и дека оваа сала, која видела и многу светски ѕвезди не е недостижна за она нашето, што го носиме во душа, колку и да сакаме да се правиме модерни. А километарското оро низ цела сала требаше само да се доживее.
Со полно срце ј нахрани публиката желна да ги слушне „Нема друга Македонија“, „Велат не нема“, „Ај да ојме Јано“, „Севдо“, „Мајко ќе одам јабана“, но и други незаборавни македонски песни од непофторливиот Војо Стојаноски како „Една мисла имаме“, „Ајде да си речиме“… А кога публиката не го пушташе да го заврши концертот неизбежно беше да се запее и „Бисер балкански“…
За исконското во нас Влатко ни покажа и со неговите гости, кои дополнително им ја наежија кожата на публиката, која буквално пееше со нив. Влатко Лозаноски со „Каранфило филфило моме“, Елена Андоновска со „Судбо моја“, Дамјан Стојановски со „Докторе“,

Спасен Силјановски со „Ќе ти дојдам“, па Дарко Стојановски со „Јано“, но и Мартин и и Стефан со непофторливата „Ја излези Ѓурѓо“. А за оркестарот на Златко Миладиноски и останатите музичари, за гајдите на Стевче и Тео Стојковски, за седум тапани кои ја разнесоа салата, за играорците кои го поведоа орото може само да се раскажува.
И ќе се раскажува овој концерт, бидејќи веќе ништо не е недостижно за македонската народона песна. Така се пее по македонски!

А Влатко напиша македонска музичка историја. Капа долу уште еднаш за Влатко што не потсети дека сме живи, дека коренот ни е жив, дека не има и дека нема друга Македонија!
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски









