Со слушателите сме си ветер во грб, вели Христина Спирова, водителка на Утринско шоу на Канал77

Христина Спирова е водителка на емисијата „Утринско шоу со Христина“, кое може да се слуша на радио Канал77, а може и да се гледа на официјалната Фејсбук страна.

Христина е веќе препозативо лице кое се дружи и ги забавува слушателите од 7-10 часот секое утро.

.-Целта на шоуто е да биде свеж и позитивен почеток на денот за сите слушатели, најчесто сите се будиме со некоја мисла во глава, но крајната поента на ова наше дружење е сите ние, и од една и од друга страна на етерот, да си бидеме ветер во грб и да си помогнеме барем на момент да заборавиме на мислите што ни тежат. Шоуто ја отсликува нашата реалност и секојдневние, но со еден позабавен пресврт на работите. Инспирацијата доаѓа од сите можни локални или светски настани или личности, понекогаш тоа се познатите личности, многу често мојата главна инспирација за темите на радио се и личните приказни на слушателите кои секогаш знаат да ме вчудоневидат со моментите кои ги споделуваат со мене, вели таа.

Истечениот вкус на слушателите не е лесно да се задоволи, а и да се задржи нивното вимние. Но, Христина успева во тоа и секое утро е подготвена со нова инспирација.

-Кога односот со слушателите е искрен, поврзувањето со нив и добивањето на нивното внимание не е тешко. Всушност, многу е едноставно, сите многу често поминуваме низ исти или слични искуства, не’ опкружуваат исти работи и секојдневие, ги имаме истите проблеми, имаме слични поводи за славење, се’ што е потребно е да препознаеме дека всушност суштински сме исти и пресекот на темите на кои можеме да си правиме муабет со слушателите е голем. Успехот во задржувањето на вниманието на слушателот е искреноста во пристапот, во разговорите за заедничките искуства, меѓусебното споделување и сослушување.

Најтешкото на сите водители на утринските програми е да се стане рано наутро, да се разбудат и весели и насмеани да го почнат денот пред микрофон. Истиот проблем го има и Христина, но…?

-И после 4 години од постоењето на Утринско Шоу, не можам да кажам дека станувањето рано ми стана полесно, само можам да кажам дека ми прерасна во навика. Да бидеш целосно присутен за своите слушатели и да им бидеш поддршка за позитивен и успешен ден е одговорна работа, мислам дека токму таа одговорност ми помага да си ставам во глава дека мора да се има дисциплина во одржувањето, делумно, доволно добар сон за да се функционира наутро. За среќа вклучувањето на микрофонот секогаш дава моментално ударна доза адреналин, па веднаш се заборава дали си спиел цели 8 или 3 часа пред да им кажеш „Добро утро“ на слушателите, вели Христина.

Радиото не е веќе медиум кој само се слуша, туку и се гледа. Оттаму и Христина не ја препознаваат веќе само по гласот, туку и знаат како изглед, како се смее и дали кога ќе им рече „добро утро“ е расположена.

-Предноста на времето во кое живееме е можноста радиото како медиум да ги надмине своите граници и да достигне поинаква димензија. Радиото повеќе не е само глас, а ние се погриживме тоа да биде така со 4 години активна работа и посветеност на содржините кои ги објавуваме на социјалните мрежи. Откако постои Утринско Шоу, ние сме постојано присутни на социјалните мрежи, па луѓето паралелно ме запознаваат и преку глас и преку лик, за тие што ме знаеле на лик, сега веќе мојот глас е она по што додатно ме препознаваат, додека за останатите, благодарение на социјалните мрежи, мојот глас добива лик, навистина не би можела да кажам кое искуство на слушателите доаѓа прво, искрена е Христина.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ