Јавното обвинителство соопшти дека во координација со МВР утврдува дали со блокадите на сообраќајните делници и улици ширум државата се направени кривични дела утврдени со Кривичниот законик:
„Јавното обвинителство во координација со МВР презема соодветни мерки и активности. Дадени се насоки за испитување на евентуални елементи на кривични дела од чл.319 и чл.387 од Кривичниот законик, како и евентуално други дела кои се гонат по службена должност. Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, соодветно надлежните јавни обвинителства ќе постапат.“ – велат од Обвинителството.
Членот 319 од Кривичниот законик вели:
„(1) Тој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста,
излагање на подбив на националните, етничките или верските симболи, со
оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови или на друг
начин ќе предизвика или ќе разгори национална, расна или верска омраза,
раздор или нетрпеливост, ќе се казни со затвор од една до пет години.
(2) Тој што делото од став 1 го врши со злоупотреба на положбата или
на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства
спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор
од една до десет години.“
Членот 387 од Кривичниот законик вели:
„Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема
законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна
или со затвор до три години.
(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до
значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка
на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се
казни со затвор од една до пет години.“
Последните два дена имаше организирани блокади на патните правци Битола – Охрид и Градско – Прилеп, како и блокади на сообраќајници во Кочани, Штип, Струмица, Прилеп и Ресен од страна на групи Роми, кои бараат укинување на мерката заплена на возило при кривичното дело управување на моторно возило без поседување на возачка дозвола.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски веќе најави „жестока реакција“ на ваквите блокади, но тоа се чини не ги предомисли блокадерите, кои и во текот на вчерашниот ден направија три часовен затој на сообраќајот на превојот Плетвар, кој е главна сообраќајна артерија меѓу источна и југозападна Македонија.
(К.М.)




