Штипскиот регионален центар за средно образование „Коле Нехтенин“ планира да отвори свој посебен правен субјект – фирма, која ќе функционира како давател на услуги, а во неа дел од својата пракса ќе ја обавуваат учениците. Планирано е фирмата да биде регистрирана од есен, а да биде во тесна соработка со штипските компании кои во моментов примаат ученици за обавување на практична настава:
„Ни требаше еден малку подолг период да ја направиме правната трансформација на училиштето, но сега веќе се насочивме и кон ценлите на регионалниот центар, направивме функционални анализи. Во постапка е процесот на валидација и се движиме во насока на отворање на училишна реална компанија. Тоа значи дека училиштето ќе има своја компанија која ќе биде посебен правен субјект која ќе остварува посебен приход, да ги понуди своите можности и да биде како еден вид помош на компаниите, да земе работа од нив, да сработи нешто и да биде во функција како посебен приход на училиштето“ – вели Јованка Шалева, директорка на „Коле Нехтенин“.
„Коле Нехтенин“ има долга и успешна соработка со бизнис секторот од штипската ТИРЗ зона:
„Во однос на соработката со ТИРЗ зоната можам да кажам дека се подобро и подобро се остварува таа соработка. Веќе голем дел од нашите ученици извршија практична обука во летниот период сега го реализираат предметот учење преку работа кај работодавач, а една од команиите влезе и во управниот одбор на сега веќе регионалниот центар.“ – додава Шалева.
Овие заклучоци беа донесени на денешната средба меѓу средните стручни училишта и бизнис секторот во општина Штип:
„На овие средби покануваме преставници од повеќе институции кои ги кажуваат своите наоди за тоа каква е побарувачката на пазарот, односно какви се потребите и на кој начин треба училиштето да одговори на тие потреби“ – вели Снежана Санева од општина Штип.

Средно медицинско училиште „Јане Сандански“, како резултат на овие консултации воведе два нови смера, во согласност со потребите на пазарот на трудот:
„Како здравствена струка наши најголеми соработници се ПЗУ „Д-р Самарџиски“ од приватниот сектор, како и Клиничката болница во Штип и Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ од јавниот, но ние воведовме и струка тенхичар за козметичка нега и убавина, нешто што произлезе од реалните потреби од пазарот кај нас. И оваа година продолжуваме со истиот профил, го зголемивме бројот на работодавачи и очекуваме поголема соработка.“ – рече директорката на СОУ „Јане Сандански“, Марија Николиќ.

Штип е регионален и економски и образовен центар. Во близина на градот се активни повеќе индустриски зони за мала и средна индустрија, а градот е и еден од ТИРЗ центрите со своја ТИР Зона.
Градот Штип има најмногу средни училишта во источна Македонија и е универзитетски центар на универзитетот „Гоце Делчев“.





