Скијач од Данска бил пренесен во болница во Скопје, вчера попладне откако завршил со повреди во лавина на Попова Шапка. Случајот бил пријавен во СВР Тетово.
„На 16.02.2026 во 14:50 часот во СВР Тетово било пријавено дека на Попова Шапка, кај местото викано „Церипашина“, има повредено едно лице. Екипа од друштво за спортски и други услуги со специјално возило во 16:10 часот го пронашла лицето Ф.М.Л. (24) од Данска, кој, според пријавеното, бил повреден од снежна лавина додека скијал. По укажаната помош, лицето со амбулантно возило е пренесено во приватна болница во Скопје, соопшти тетовската полиција.
Од Националниот парк Шар Планина вчера беше упатен апел со предупредување на опасност од лавина поради последните обилни врнежи од снег, засилен ветер и пораст на дневните температури. Предупредувањето особено се однесуваше на стрмните падини со источна, југоисточна и јужна експозиција на Националниот парк.
„Апелираме до сите посетители, планинари и љубители на зимските спортови: Движете се внимателно во планински услови, избегнувајте ризични и стрмни терени и користете соодветна безбедносна опрема. Планината е прекрасна, но бара одговорност. Информираноста и добрата подготовка се клучни за безбедно уживање во природата, соопштија од НП „Шар Планина“.





