Новиот систем ЕЕС за влез и излез во и од Шенген зона бара покрај пасошот, идентификација со внесување на податоци од камера со сликање на ликот и четирите прсти од десната рака. „Сликањето“ на граница, како што разговорно го нарекуваме, се прави еднаш на влез во Шенген зоната. Потоа со секое влегување и излегување, покрај пасошот, потребно е да се направи дополнителна идентификација со земање на отпечаток од показалецот на десната рака. Отпечатокот е потребен за секој иден влез и излез преку границите на земјите од Шенген зоната.
Што значи ова во пракса, го тестиравме системот на грчката и бугарската граница.
На границата со Грција, на преминот Стар Дојран – Дојрани, имаше само две возила и грчкиот граничар повика на „сликање“ за тие во автомобилот што се’ уште немаат оставено биометриски податоци. Од петмина во автомобилот, успеа да помине сликањето на само еден, затоа што „системот падна“, како што рече граничарот. Меѓутоа, сликањето на патници одзема време и во меѓувреме, се насобраа десетина возила во редот за чекање. Во време на туристичка сезона, доколку се соберат пет-шест полни автомобили, каде ниту еден не е внесен во системот, јасно е дека редиците на граница ќе бидат долги.
На враќање системот без проблем ги внесе останатите четворица. Впечатокот е дека грчките службеници немаат строг пристап кон наметнатите правила.
Две недели подоцна на гриничкиот премин Делчево – Ѓуешево на македонско – бугарската граница, реконструираниот и проширен премин е со поголем капацитет од претходно, меѓутоа, бугарските службеници целосно се придржуваат на барањата на ЕЕС системот. На лентата НЕ-ЕУ, долга колона од патнички возила со подолго задржување. Сликање во кабината, за тие што немаат внесено биометриски податоци, но и оставање отпечаток на мобилен мал скенер за отпречатоци. Пасош на еден патник, па скенер од десниот показалец и така со сите патници. Се’ заедно за едно возило од пет луѓе на пример, задржување и по десетина минути само на граничниот шалтер, без чекање во колона.
Граничарите коментираат дека постапката бара време, но правилата се јасни. Како што ни е јасно и нам од НЕ-ЕУ, дека нема така лесно и брзо преку граница и особено на лето ќе треба да се наоружаме со нерви и трпение, за пат до Егејот, соседна Бугарија но и другите земји од Шенген.





