Градоначалникот до АХВ: „Излезете на терен и соберете ги кравите – што ве спречува да постапите по сопственото издадено решение?!“

Решението за одземање на кравите кои ги пустошат имотите на кривопаланчани и околните села е донесено од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство уште пред две години и поради тоа повикувам без ново одлагање да дојде и да ги преземе животните за кои има донесено правосилно и извршно решение за одземање – решение кое повеќе од две години не е спроведено. Ова денеска на прес конференција го изјави градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски како одговор на вчерашното соопштение од АХВ, во кое Агенцијата посочи дека и општината до сега требало да постапи и го реши проблемот, бидејќи има свои надлежности.
Градоначалникот Мотовски рече дека надлежностите на Општината се утврдени со закон и тоа согласно член 14 став 1 точка 11 од Законот за јавна чистота, според кој, општинскиот инспектор може да контролира и да забрани напасување и движење на крупен добиток на јавни површини, а согласно член 33 од истиот закон е предвидена глоба од 40 евра во денарска противвредност.

-Но да бидеме реални -дали глоба од 40 евра може да реши проблем што трае повеќе од една деценија? Дали симболични казни се системско решение? Не може правосилна мерка за одземање да се сведува на комунален прекршок од 40 евра. Решението е во спроведување на одземањето, а не во пишување прекршочни налози, рече Митовски.

Градоначалникот потсети дека од јануари 2022 година до денес од страна на општината се доставени, како што рече „стотици пријави и иницијативи до надлежните институции, поднесена е кривична пријава за мачење животни, а собрани се и докази за материјални штети и загрозување на безбедноста“. 

– На 5 март 2024 година, Комисијата за одлучување по прекршок при АХВ донесе решение со кое утврди прекршок и согласно член 36 од Законот за заштита и благосостојба на животните изрече мерка за одземање на животните. Решението е правосилно и извршно од април 2024 година и до денес истото не е спроведено. Прашањето е едноставно: што ја спречува институцијата да го спроведе сопственото решение? Ако мерката е изречена, дали тие животни и понатаму се сопственост на истите лица, или по сила на правосилното Решение тие формално-правно преминуваат во одговорност на самата институцијата што ја донела мерката? Ако се одземени-тогаш мора да бидат и преземени. Ако не се -тогаш зошто постои правосилно решение?, праша градоначалникот Митовски, според кого, надлежноста за собирање на животните е кај АХВ и ја повика Агенцијата веднаш да излезе на терен.

-На потег е АХВ. Потребно е веднаш да го спроведе своето правосилно и извршно решение од март 2024 година. Престанете со игнорирање, манипулации и одлагања. Почнете веднаш со решавање на проблемот, во координација со Општината и локалните ресурси. Престанете да ја замајувате јавноста! Излезете на терен и решете го проблемот веднаш! Времето за изговори заврши. Време е институциите да покажат дека не се над законот и дека се во служба на граѓаните, кажа Митовски. 

Градоначалникот најави дека во спротивно ќе ги искористи сите правни механизми за утврдување на одговорност за непостапување на државна институција и доколку не постапи, ќе ги повика граѓаните на протести и граѓанска непослушност сè додека решението не биде целосно спроведено.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ