Поради сомневање за смртта на уште жена во општината Старо Нагоричане, Јавното обвинителството соопшти дека ќе бара уште една ексхумација. На денешниот брифинг Обвинителството информира дека се работи за сомневање дека има уште една убиена жена од Т.Б. (25) – можниот сериски убиец, кој веќе е во притвор.
„Ја информираме јавноста дека во наредните денови се планира уште една ексхумација за друго починато лице за кое се сомневаме дека е жртва на кривичното дело.“, рече јавниот обвинител во Куманово, Љубомир Лапе.
Поради тоа што се спроведува истрагата, повеќе детали не беа соопштени. Се работи за четири спмнителни случаи, кои до сега не биле поврзани за сега приведениот.
Како што е познато, Обвинителството нареди и беше спроведена ексхумација на телото на 35-годишната жена, која според наодите, починала не сличен начин како и 78-годишната жителка на Старо Нагоричане, која беше пронајдена мртва во нејзиниот дом. Спроведената обдукција покажа дека и двете жени се жртви на Т.Б.
Размотувањето на клопчето, започна по свирепиот напад врз 83-годишна Слободанка Арсовска од Челопек, која успеала да се спаси од сигурна смрт и да викне по нејзиниот син се наоѓал на горниот кат.
Осомничениот Т.Б. се’ уште не е испрашан и се чека психијатриско вештачење.
„Во моментов не можеме да ги утврдиме мотивите за сериските убиства. Нема докази за силување на жртвите, но во некои случаи имало и кражби во нивните домови, соопшти обвинителката Теута Рамадани.
Се испитува и евентуалната поврзаност на осомничениот сторител со помагател или соучесник и можната врска со полицијата.
Жителите на општината Старо Нагоричане се вознемирени по последните случаи. Сепак од Обвинителството смируваат дека целото подрачје е под засилено полициско обезбедување и нема место за паника.




