Нежна и тивка а истовремено храбра и успешна во машкиот бизнис. Тоа е Даниела Перканоска од Прилеп сопственичка на фирмата „Автоконтрол“, центар за возила во чиј состав функционираат технички преглед, авто сервис и техничка служба. Иако оваа работа важи за машка, сепак, таа е доказ дека жената и тоа како може да се снајде во машкиот бизнис и со секој ден да биде се поуспешна и поусешна.
Со Даниела разговаравме по повод Денот на жената, бидејќи е жена, мајка и кралица, која храбро ги надминува животните предизвици и, како што вели, заедно со вработените чекорат кон иднината со успех.
Се повеќе жени се охрабруваат и почнуват бизнис во машки свет, па од Ваше искуство колку е тешко сама жена во бизнис?

-Јас лично не чувствувам дека е тешко, бидејќи бизнисот на нашата фирма „Автоконтрол“ го почнавме заедно со сопругот. Ни беа поделени дејностите, јас ја раководев станицата за технички преглед и службата за хомологација и атест, додека сопругот го раководеше сервисот, а и самиот беше мајстор автоелектричар. Оттаму произлезе и желбата да ја формираме компанијата и да се надополнуваме еден со друг. Од тие причини јас не чувствувам недоверба од клиентите, бидејќи од самиот старт го работам. Но, за жал, по трагедијата во која го изгубив сопругот, јас останав сама во фирмата, сама да ја раководам целата фирма и да ја продолжам нашата приказна, нашата визија. Колку и да беше тешко успеав, бидејќи ова реално е моја професија. За да ја задржамфирмата во целина, односно сервисот, сегмент кој ретко го води жена, успеав со целото мое искуство кое го стекнав со него, успеав да го заржам тимот од наши обучени мајстори, а потоа направив и систематизација, па оформив тим на стручни мајстори. Сега можам да се пофалам дека одлично ни оди работата. Имам прекрасна и професионална екипа, горда сум на тимот.
Колку време Ви требаше да ги научите деловите?
-Јас сум економист по професија, работев сметководствени услуги. Автоделовите ги читав само на фактури и не знаев кој за што служи практично. За да ја разберам суштината на работата се потрудив и ги научив речиси сите мехничарски и автоелектричарски делови за да можам да одговорам на прашањата на клиентите. Ама ги научив, морав да ги научам и откако сум сама во бизнисот веќе ги знам сите механичарски и електричарски делови. Кога некој клиент ќе ме праша да знам што да му кажам, а, секако, имам и одговорни и стручни лица за тоа и успешно функционираме.

Ако тргнете некаде и се појави проблем на автомобилот веќе знаете што се случува?
-Па можам да кажам дека веќе 80 проценти знам. Можам да одговорам на прашањата за дефекти. Но, искрено имаме најдобри електричари и технологија и опслужуваме возила од цел регион. По смртта на Љупчо, кој исто така беше електричар успеав да се договорам со многу искусен мајстор да дојде да работи кај нас. Се согласи и му благодарам за тоа.
Постоеше ли страв како ќе продолжите сама после сопругот и како сега изгледа еден Ваш работен ден?

-Можеби очекувањата од клиентите беа поинакви, но сега веќе ми подаваат рака. Успеавме да ја зачуваме сигурноста кај клинетите, но и за сите нас во фирмава. Ние сме општествено одговорна компанија, помагаме превентивни активности од областа на сообраќајот, заедно со МВР, општинскиот Совет за безбедност и ЦОУ-сообраќајна струка. Член сум на Советот за безбедност, предлагачи сме на овие активности со цел да ја зголемиме сообраќајната култура, а за клиентите секогаш имаме подароци, изненадувања, наградни игри… Инаку секогаш во осум часот сум на работа, со вработените пиеме кафе и почнувме со обврските. Секогаш сакам да сум присутна со клиентите. По завршување на работното време одам дома и таму сум мајка на две ќерки. Едната се вика Цвете, таа е студент на Машински факултет, отсек моторни возила и супер студент е. Другата ќерка се вика Ана Марија и учи средно сообраќајно тука во Прилеп. Нашата фирма е семејна фирма, која со татко им сме ја граделе пред се со љубов и затоа сакам да го продолжат бизнисот. Убаво е што и тие имаат желба да ми помогнат. Сакам моите девојки да ја продолжат оваа професија и тоа е знак дека професијата не подразбира граници и пол и секој еден може да успее. Верувам во квалитетите на жената, во способностите да организира, бидејќи покажано е и докажано дека жената е добар организатор, бидејќи има емпатија. Многу важно е да ги разбереш барањата и желбите и на клиентите и на вработените. Жената тоа природно го носи. Знае да го организира домот, семејството и работата.
Колку успеа во овој период, откако сопругот не е веќе со вас, да останете дома, да зготвите, да се посветите на децата?
-Успевам да се организирам. Завршувам со работата и после се посветувам на децата. Готвам, помагам, гледам целосно да се посветам на семејството после работа, особено сега кога само јас сум родител. Сега ќерките ми се во години кога сакаат да излезат со друштво, па кога тие се излезени и јас го користам моментот и јас да излезам со моето друштво, да посетам некои културни настани

Колку беше тешко да прифатите дека после Љупо сте сами и сами морате да продолжите?
-За жал животот е непредвидлив. Поради себе и поради децата морав реално да ја прифатам состојбата во која се најдовме. Морав да продолжам поради себе, поради децата, поради фирмата да се изборам се да задржам и да продолжам да живеам. Ако застанеш ништо нема да постигнеш. Нема назад. Ја прифатив реалноста и морав да бидам силна. Никогаш пред децата не покажав слабост за да не бидат тажни иако тоа не значи дека не носиме тага. Но, се трудев да не покажам слабост пред нив за да не почувствуваат дека еве тато го нема и сега нема да можеме да продолжиме. Цело време им давав сила. Воопшто не престанав да функционирам. Првиот ден по погребот на Љупчо се вртив на работа. Им благоарам на вработените што ми дадоа поддршка во тој момент. Ме чекаа пред капија и не ја отворија капијата додека јас не влегов. Не ме оставија ниту еден ден да седам дома а и јас не смеев да си дозволам. Не сакав децата да почувствуваат несигурност во мене. На почетокот децата ми велеа „да не излегуваме за да не седиш сама дома“, но им велев дека тие имаат свој живот, а јас имам мајка, татко, брат, имам пријатели, имам каде да одам. Не сакав децата да седат до мене за да не почувствуваат дека сум осмена.
Тешко ли е да се биде и мајка и да се води бизнис сега после Љупчо?

-Ние бевме традиционално македонско семејство, секогаш сум го средудвала домот, сум одела на родителско, па отсуството на Љупчо ми го смени само работењето. Но, јас сум навикната да работам. Работев и кога децата ми беа помали. Со добра организација се се постигнува. Јас сум упорана и храбра. Имам визија за фирмата и заедно со вработените храбро ги носам одлуките.
Колку во оваа преангажироност имате време лично за себе?

-Одсекогаш сум посветувала внимание на себе. Навикната сум. Некогаш станувам во шест наутро па одам на фризер за да можам во осум да стасам на работа. Паузите на работа некогаш ги користам за да средам нокти. Така беше и кога Љупчо беше жив, така е и сега. Не прекинав, наоѓам време секако. Се може да се направи кога се сака.
Дали вашата визија е еден ден рамо до рамо со ќерките да го водите бизнисот?

-Мојата желба е децата овде да застанат со мене е огромна. Поголемата ќерка секој летен распуст го користи да работи во фирмава, а се обучува и веќе знае да работи дел од техничкиот преглед. Да застанат до мене и да покажеме дека еве три жени успеале да ја продолжат приказната и да работат со успех. Жената може да биде и нежна и силна, лидер и мајка, и поддршка и двигател.
Дали оваа машка професија ви го смени имиџот?

-Не одсекогаш сум имала ваков стајлинг, одсекогаш сум била со овој имиџ. Природно сум каква што сум, не внимавам на исхрана ама и немам време за јадење. Хахахах. Пробав да одам на фитнес ама сакав повеќе време да поминувам со децата, а не на друго место.
Што за Вас како жена значи „8 Март“?
-Сметам дека за жената секој ден треба да биде „8 Март“. Ние имаме право да живееме, работиме, функционираме и не треба да се деградираме, туку да покажеме дека сме способни. Не е до подароците иако секогаш сум добивала подароци. Внимателен бил и сопругот и децата и вработените. Па и овде во тимот и родендени славиме заедно. Сакаме да имаме празнувања, да се дружиме, да се поддржуваме. Јас секогаш сум подготвена да слушнам друго мислење.
„Автоконтрол“ е бренд, колку е тешко да се создаде бренд?
-Со задоволни вработени се постигува хармонија и успех во работењето. Тогаш и клиентите се чувствуваат пријатно а и сите ние.

Која е Вашата порака до жените кои се на почетокот на бизнисот или се мислат дали да го зачекорат тој пат?
-Во бизнисот и лидерството нема поделба на полови. Им порачувам секогаш да си ја следат својата визија и да бидат упорни. Жената има дури и поголема способност од мажите за организација, бидејќи тоа го носи природно во себе како мајка. Да се охрабрат секогаш да ја реализираат својата визија и сигурно би постигнале успех. Нели има еден слоган: „Жените можат се што можат мажите и тоа на штикли“. Е баш така е.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски




